Тренчевска – Селаковиќ: Преку размена на искуства ги унапредуваме системите за социјална заштита, вработување и можности за сите граѓани

 

 

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, официјалната посета на Република Србија ја почна со билатерална средба со министерот за труд, вработување, борачки и социјални прашања, Никола Селаковиќ.

По средбата, министерката Тренчевска во изјава за медиуми ја потврди заложбата на двете земји за унапредување на системите за социјална заштита како клучни, кои обезбедуваат заштита и поддршка на граѓаните во двете земји.

Таа се осврна на социјалната реформа почната во 2019 година, која ја наметна потребата за развој на ново софтверско решение што ќе овозможи полесен пристап до правата и услугите.

„Размената на искуства, учењето од позитивните примери за развој на дигитален систем за остварување на правата од социјална заштита се клучни за продлабочување на нашата идна соработка“, рече Тренчевска.

Таа посочи дека системот, кој периодов интензивно се развива во Република Северна Македонија, дигитализацијата, која како предизвик претстои, особено во доближување на услугите до сите граѓани, се алатки што гарантираат унапредување на квалитетот на животот и поддршка на ранливите категории граѓани, како и дека на овој начин се овозможува полесна интеграција во општеството и можност за сите граѓани.

Министерката посочи дека токму заедничките акции и чекорите што се преземаат како земји на патот кон европската интеграција се проткаени  и во иницијативата „Отворен Балкан“.

Преку регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ државите се поврзуваат со цел развој на нивните економии, се постигнува заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и неговиот долгорочен развој придонесува за подобар живот за сите граѓани. „Отворен Балкан“ е засилувач на регионалната соработка и поврзаност кога станува збор за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.

Од страна на министерот за труд, вработување, борачки и социјални прашања, Селаковиќ, беше иницирано потпишување меморандум за соработка во областа на вработувањето и социјалната заштита помеѓу двете министерства.

Двајцата министри ја потенцираа важноста за соработката и нејзиното продлабочување во иднина, од која ќе произлезат директни придобивки за граѓаните на двете држави.

Од страна на Министерството за труд, вработување, борачки и социјални прашања беше организирана и презентација на новиот софтвер – „Систем за заштита и дигитализација на инструментите за социјална заштита (СОЗИС)“, кој е наменет за работа на центрите за социјална работа, како и на системот „Социјална карта“.

Целта на креирањето на „Социјалната карта“ е да се придонесе за поправедно остварување на социјалните права на граѓаните врз основа на нивниот социјален и економски статус, зголемување на ефикасноста во областа на социјалната заштита.

Ваквиот начин на функционирање ќе им овозможи на граѓаните побрзо и полесно остварување на правата, но и спречување од потенцијална злоупотреба на системот.

Размената на искуства помеѓу двете пријателски држави ќе придонесе за унапредување на системите за социјална заштита.

20.07.2023 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега