Тренчевска: СДСМ ветува нови чекори за донесување на законот за бранители

 


СДСМ во следните денови ќе излезе со информација што ќе преземе за законот за бранители којшто е поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска. Од СДСМ велат дека не се откажуваат од носењето на овој закон. 

- Вчера имавме координација на пратеничката група, разговаравме за идните чекори за законот за бранители. Во следните денови ќе излеземе во јавност со сето она што ќе ги преземеме во однос на овој закон. Не се откажуваме во однос на донесувањето на законот за бранители, изјави денеска Јована Тренчевска на прес-конференција во Собранието. 

Претходно, политичката партија „Левица“ соопшти дека денеска поднела кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши заради законот на бранители.

Пратеникот Сашко Јанчев  на прес-конференција во Собранието рече дека кривичната пријава е поднесена поради тоа што Гаши несовесно постапил во однос на своите овластувања и направил кривично дело против службената должност. 

- Законот за бранители е заглавен во собраниска процедура откако претседателот на матичната Комисија реши да не свикува сеница односно реши да го блокира законот. Во ваква ситуација, кога претседател на Комисија решава да не свикува седница по одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка односно согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието е тој кој треба да ја свика Комисијата и да значи член кој ќе ја води седницата на таа Комисија. Претседателот на Собранието уште пред 10 дена на 16 септември во изјава за медиумите рече дека нема намера да го одблокира законот за бранители, дека нема намера да свика седница за законот за бранители и до денес таква седница не е свикана, посочи Јанчев.

Законот ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, млади и демографија Илире Даути не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.

- Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања - тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник, изјави Гаши на 16 септември во телевизиско гостување на Канал 5. 

22.10.2024 - 13:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега