Тренчевска: Кога станува збор за вработен за нас е небитно чиј роднина е
Министерката Тренчевска денеска изјави дека надзорот во М-НАВ е направен согласно одлуката на Влада во која што е задолжен Државниот инспекторат за труд да изврши инспекциски надзор кај работодавачот М-НАВ.
„Веднаш по добивањето на одлуката и без разлика дали ќе имаше ваква одлука Инспекторатот постапува и по допрен глас во услови кога има одредени неправилности коишто укажуваат во делот на правата од работен однос“, вели таа.
Таа беше запрашана и за обвинувањата дека М-НАВ семејна фирма, каде и премиерот зборуваше за тоа, како и за новите пишувања за роднини на министри коишто работат таму.
„Кога станува збор за вработен за нас е небитно чиј роднина е. За нас се сите вработени. Така што, доколку постои повреда на право од работен однос или незаконита постапка на вработување во тој случај за нас е поимот вработен и работник. Дали е тој роднина на кој било за нас е ирелевантно. Значи, надзорот ќе се спроведе на начин и постапка согласно закон да се утврди дали одредени постапки се спроведени согласно законот. Инспекторатот не врши истрага. Инспекторатот спроведува инспекциски надзор. За истрага е задолжен друг орган. Со оглед на тоа што и финансиската полиција изврши надзор во М-НАВ најверојатно ќе треба да се координираме и со финансиската полиција во тој дел па да видиме дали надзорот ќе се прошири или ќе остане само и кој од двата органи ќе ги врши и дополнителните инспекциски надзори во делот на ова што вие го зборувате и што во моментот е пласирано во јавноста“, рече Тренчевска.
За тоа кога се очекува да биде готов записникот од инспекцискиот надзор, таа вели дека за еден ваков пообемен надзор најмал временски период во којшто може да се изготви записникот е една недела, а и согласно Законот за инспекциски надзор имаат рок за изготвување на ваквите инспекциски надзори подолг временски рок.
„Да оставиме да си ја завршат инспекторите професионално работата, да ги утврдиме сите факти и докази како би можела јавноста да не има понатамошни шпекулации во делот на она како и што се случило во делот на постапките за вработување кај работодавачот“, додава таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа