Трамп: Ми кажаа дека Русија по грешка го погодила центарот на Суми
Две руски балистички проектили вчера го погодија самиот центар на северниот украински град Суми, при што загинаа најмалку 34 лица, а беа повредени 117, во најсмртоносниот напад врз Украина оваа година, соопштија украинските власти. На нападот реагираше и Трамп.
Тој рече дека рускиот напад врз Суми бил страшен.
„Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка. Но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта. Соединетите држави никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота“, им рече тој на новинарите на Air Force One на враќање во Вашингтон.
Запрашан да разјасни што сака да каже со грешката, Трамп рече: „Тие направија грешка… ќе мора да ги прашате“, без да прецизира на кого точно се мисли или за каква грешка се работи, пренесе агенцијата Франс прес.
„Ова е војна на Бајден. Тоа не е моја војна“, рече тој, мислејќи на поранешниот претседател Џо Бајден, додавајќи: „Само се обидувам да ја прекинам оваа војна за да можеме да спасиме многу животи“.
Суми, со население од околу четвртина милион луѓе, се наоѓа на само 25 километри од руската граница. Тој стана гарнизонски град откако украинските сили лансираа упад во Русија од него во август минатата година, кој оттогаш беше во голема мера одбиен. Градоначалникот на Сумија, Артем Кобзар, од понеделник прогласи тридневна жалост за жртвите.
Луѓето погодени од ракетата биле на улица, во автомобили, во јавен превоз или во згради, рече министерот за внатрешни работи Ихор Клименко. „Намерно уништување на цивили на важен црковен празник“, рече тој.
Андриј Коваленко, официјален претставник за безбедност кој го предводи Украинскиот центар за борба против дезинформации, рече дека нападот се случил по посетата на Русија на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, каде што се сретнал со високи претставници, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.
„Русија ја гради целата оваа таканаречена дипломатија околу напади врз цивили“, напиша Коваленко на Телеграм.
Виткоф разговараше со Путин во петокот во Санкт Петербург, со цел да се најде пат до мировен договор. Трамп и порача на Русија „да се движи“.
По нападот во неделата во Суми, Зеленски ги повика САД и Европа силно да одговорат на, како што рече, рускиот тероризам.
„Русија сака токму таков вид на терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мирот не е можен. Преговорите никогаш не ги запреле балистичките ракети и воздушните бомби“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа