Тошковски: Се ограничува мандатот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на партиските функционери

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваше вечерва и донесе две одлуки.

ЦК го овласти претседателот на партијата, Христијан Мицкоски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство.

Втората одлука, ЦК на ВМРО-ДПКНЕ која ја донесе вечерва е одлуката за измена на Статутот на партијата во насока на поголема демократизација на партијата, пренесување на поголеми надлежности на членството, органите и телата на партијата, следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии, пред се германската ЦДУ, австриската Конзервативна партија и останатите сестрински партии од европското семејство. Новите измени се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата, повеќе права на одлучување на Комитетите и членовите во водењето на политиките на партијата и се плод на повеќегодишна анализа и соработка со напредните политички партии. Новини се водењето сметка за европските вредности, воведувањето на непосреден избор на претседатели на општинските комитети и раководства во општинските комитети од страна на членството, демократски избор на идни државни функционери кандидати за градоначалници од страна на партиските бази, воведување на нови органи и тела на партијата, како и ограничување на правото на реизбор на претседател на партијата и останати високи партиски функционери, истакна претседателот на Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски.

Вели дека новиот Статут предвидува и Унија на ветерани, како и Форум на интелектуалци на партијата. Во таа насока, се преземени следниве измени кои поминаа на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Значењето на европските принципи и вредности, државотворниот и демократски капацитет на партијата, како и конзервативна идеологија и заштитата на македонските национални интереси во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се истакнати уште на самиот почеток на истиот. Во член 2 од новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се утврдува дека ВМРО-ДПМНЕ е народна државотворна демократска партија со конзервативна идеологија која што ги застапува и штити македонските национални интереси, негува европски демохристијански традиции и промовира универзални хуманистички вредности, рече Тошковски по седницата на Централниот комитет.

Вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа и споделува принципите, вредносните определби и практики на Европската народна партија.

-Целите и задачите на ВМРО-ДПМНЕ дефинирани со овој Статут ја продолжуваат заложбата на нашата државотворна партија за независна, суверена, самостојна граѓанска демократска држава која почитувајќи ги сите вака поставени цели и задачи ќе овозможи подобар живот на македонскиот народ и заедниците во рамки на една унитарна држава која што се стреми да стане да биде членка на ЕУ. Во овој Статут се потенцира рамномерната затапеност на жените и мажите во рамки на органите и телата на партијата, како и воедно застапеноста на младите во внатрепартиските структури. Со новиот Статут се овозможува примена на начелото на непосредна демократија, односно партијата е должна да им овозможи на сите оние коишто се релевантна група на истомисленици да си го искажат своето мислење и водено врз основа на таквиот нивен став партијата да донесе партиски став којшто во иднина ќе се применува од страна на сите членови во партијата се со цел подобрување на целокупниот општествен живот во Република Македонија, рече тој.

Согласно новиот Статут, се ограничува мандатот на партиските функционери.

-ВМРО-ДПМНЕ на претседателот на партијата, на претседателите на општинските комитети, како и на претседателите на сите органи и тела кои се бираат на Конгрес согласно новиот Статут им го ограничува мандатот на 4 години при што максимум на истата функција кој и да било од овие функционери може да се здржи најмногу три мандати, и тоа под услов да третиот мандат е избран од страна на партиските органи и тела со двотретинско мнозинство, појасни Тошковски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.07.2020 - 22:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега