Топ чанел: Бугарија со закани, притисоци и поткуп во обид за асимилација на македонската заедница во Албанија

Истражувачката програма „Inside Story“ на албанската телевизија Топ чанел емитуваше истражувачка сторија за тоа како Бугарија и се заканувала на Албанија и се мешала во пописот во Албанија во 2023 година со закани, подароци, притисоци и мито, за асимилација на македонската заедница во Албанија, јави весникот „Македониум“.

Откако наведува дека Грција и Бугарија и се заканиле на Албанија со блокирање на евроинтеграцискиот процес, констатира дека „овие закани ставиле црна дамка и на овој процес, кој требаше да се заснова на исполнување на условите за членство, а не на егото на соседните земји да искористат на грбот на Албанија“.

-На север, во областа Гора, но и во Голо Брдо и Пустец, преку различни форми, Бугарија врши притисок врз граѓаните, барајќи од нив да се изјаснат со бугарско потекло. Првично, плановите за фиктивен раст на малцинството имаа сценарио на закани кон официјална Тирана со интеграциската карта. Денеска се следи нова стратегија со делење бугарски пасоши на албанските граѓани. Документ кој носи придобивки како земја членка на европскиот блок, се наведува во сторијата.

Во Албанија, прашањето за етничката припадност има висока чувствителност ако се земат предвид плановите и сценаријата на соседите вештачки да го зголемат бројот на малцинствата. Барем овие притисоци беа постојани од Грција и Бугарија, кои имаа за цел да го зголемат бројот на нивните малцинства што е можно повеќе

-Етничката припадност е очигледно во услови на чувствителност поради вештачкиот притисок на две земји многукратно посилни како Грција и Бугарија за да извадат бројки кои се нереални изјавил Ардит Бидо, директор на Државниот архив на Албанија.

Поради животниот стандард, немањето инфраструктура, селата во кои живеат Гораните во околијата Кукс се оставени на милост и немилост, без телефонска мрежа, без интернет и без патишта. Единствена опција им е Косово, на која и се обраќаат за лекарска помош, а оттаму успеваат да дојдат до интернет, кој го користат за комуникација со децата кои се иселени. Патот од Кукс до Запод минува меѓу планините на тежок, неасфалтиран терен и не се одржува.

Главно економските причини се главните причини за аплицирање и обезбедување бугарски пасоши.

-Сите се заминати, тука нема што да правиме. Што ќе гледате? Овде ќе најдете само старци, вели жител на Гора.

Се посочува дека во 11-те пописи спроведени во албанската држава, во ниту еден од нив не излегува дека во Гора има бугарско малцинство и се додава дека друга причина која се користи од бугарската држава се инвестициите во овие области, главно во училишта со информатички кабинети, обезбедување на транспорт за учениците, дидактички алатки, стипендии за студирање во Бугарија и други.

-На овој попис се вршеше притисок од бугарската држава. Овде дојдоа личности од бугарската држава, дојдоа и во Пустец, во областа на Преспа, дојдоа и во областа Голо Брдо и Гора, каде вршеа притисок и пропаганда за промена на етничкиот идентитет, вели Ефтим Митревски, потпретседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и одговорен за односи со јавноста во општина Пустец.

На 15 септември 2023 година, потпретседателката Илијана Јотова даде изјава по средбите со албанските власти, каде што тесно се фокусира на пописот и интересот за декларирањето на етничката припадност од страна на бугарското малцинство.

-Добив гаранции од највисоко ниво дека националниот попис на населението во Албанија ќе се врши според највисоките европски стандарди, со почитување на правата на сите етнички заедници, вклучително и на бугарската. Ова е првиот попис од официјалното признавање на бугарското национално малцинство во 2017 година, изјавила Јотова.

На сите средби Илијана Јотова беше придружувана од Спас Ташев, член на Бугарската академија на науките.

На 30 септември 2023 година, бугарскиот професор на својата Фејсбук страница објави фотографии од пописниот лист во Албанија. Спас Ташев континуирано се залага за исполнување на целта за зголемување на статистиката на бугарското малцинство во Албанија. На еден форум во 2020 година, тој силно побара од дипломатијата на неговата земја да биде активна во Албанија, бидејќи областите за кои тие тврдат дека имаат малцинство нема да се попишат за Бугари, се наведува во сторијата.

Се повикуваше на пилот попис, се додава во сторијата, од 2019 година каде во Преспа само едно лице се изјаснило како Бугарин. Всушност, овој пилот попис се одржа за потребите на Заводот за статистика и податоците не беа објавени.

-Чудно е како Бугарија знаела за резултатот кој содржел доверливи податоци за внатрешна употреба на Заводот за статистика. Ова открива не само зголемен интерес, туку пред се пенетрација во албанските државни структури, забележува телевизијата.

Тука сме во малата општина Пустец каде живее мало македонско малцинство, наведува понатаму Топ чанел и потсетува дека некогаш локалната единица се именува како општината Лиќенас, а која иако не ги исполнувала критериумите да биде општина, на поранешната општина Лиќенас и беше вратено името во општина Пустец поради почитување на правата на малцинствата.

Во сторијата се констатира дека „Во оваа мала општина се спушти судирот меѓу Бугарите и Македонците“. -Последниве тврдат дека бугарската држава се обидува да влијае врз граѓаните да се изјаснуваат како Бугари. И во ова област младите имаат емигрирано со бугарски пасоши, се додава во сторијата.

23.11.2023 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега