Тешко се живее: Се повеќе македонски семејства се хранат во народни кујни
Во Југоистокот од државата расте бројот на семејства кои не се во можност да си ги обезбедат ниту основните намирници за живот.
Ова го потврдуваат и од фондацијата „Елесуса“ од Струмица во која секојдневно пристигнуваат нови барања за помош.
На почетокот од нивната работа, поддршка и основни пакети добивале околу 70 семејства. Една година потоа тој број се зголемил за два пати. За да им излезат во пресрет на што поголем број граѓани фондацијата започна со подготовка и дистрибуција на дневни оброци. За три месеци биле поделени над 4200 топли оброци.
„На терен е страшно. Навистина бројките растат. Сега со оваа економска криза уште повеќе пораснаа бројките. Самиот факт што првите Божиќни пакети беа со бројка од 66 пакети, а сега моментално подготвуваме Божиќни пакети во бројка од над 180, самото тоа кажува значи колку ситуацијата е влошена. Секојдневните оброци исто така очекуваме дека бројката ќе расте. Се прават проверки на терен, се оди кај семејствата кои што се пријавуваат, нормално тоа не оди кој ќе дојде да добие оброк, туку проверка во самиот дом да се види дали имате средства, дали немате средства за издржување и тогаш се одлучува дали тој човек или таа фамилија ќе добие оброк, но секако бројките растат за жал, вели Наташа Василевска Трајчевска од Фондацијата Елеуса.
И покрај тоа што фондацијата делува на подрачјето на Струмичка епархија, помош испраќаат и во другите делови од државата.
„Оброци се доделуваат тука во градот Струмица. Пред храмот Свети Димитриј имаме свој пункт. Секој ден од понеделник до недела топол оброк. Струмичка епархија ги опфаќа струмичките села, Берово и Пехчево, значи тој дел не е мал дел на територија кој што го опфаќаме. Имаме неколку пакети кои што се испраќаат и надвор од Струмичка епархија, меѓутоа сме ограничени и со средства, но најмногу сме ограничени со тоа што не можеме, немаме начин како да ги провериме тие семејства затоа што секако има и злоупотреби на таа хуманитарна помош. Се трудиме да бидеме кон сите отворени, да помогнеме секаде, меѓутоа фала му на Бога на територија на Република Македонија има повеќе хуманитарни организации, вели Василевска Трајчевска.
Оброците и останатата помош се подготвува со средства од фондацијата кои се добиени по пат на донации, но и со поддршка на анонимни граѓани кои секојдневно ја испраќале нивната помош.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа