ТАВ со нов уред вреден 2,4 милиони евра за скенирање за системот за ракување со багаж на скопскиот аеродром

 

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми денеска соопштија дека ја завршиле надградбата на системот за ракување со багаж и инсталацијата на нов уред за скенирање багаж на скопскиот аеродром, што претставува уште една капитална инвестиција во вредност од 2,4 милиони евра.

Отсега, се посочува во соопштението, патниците може да пристигнуваат на аеродромот, како и претходно, 2 часа пред нивниот лет.

Процесот на надградба на системот за ракување со багаж на Меѓународниот Аеродром Скопје и инсталацијата на новиот уред за скенирање почнал на 9-ти октомври, а завршил на 28-ми ноември оваа година. Целиот проект е завршен за помалку од два месеца, а во тој период активностите опфатиле демонтирање на рендген уредот „Стандард 2“, инсталирање нов, уред за скенирање „Стандард 3“ и опрема и тестирање на најнова технологија пред пуштањето во употреба.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изразил уверување дека ваквите подобрувања и обезбедувањето неспоредлива услуга за нашите патници и авиокомпании дополнително ќе ја зајакнат позицијата на скопскиот аеродром во регионот. 

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, ги заврши првите 10 месеци од 2023 година со 30 проценти пораст на патничкиот сообраќај, достигнувајќи вкупно 2,6 милиони (2.647.816) патници на двата македонски аеродроми во Скопје и во Охрид, додека бројот на летови во истиот период изнесува 19.935 со годишен пораст од 20 проценти.

06.12.2023 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега