Таравари: Промени во албанскиот блок мора да има и ќе се случат
„Главната порака од вечерашната средба е дека промените во албанскиот блок мора да дојдат по 24 години. Промената ќе се случи и никој не може да ја запре таа промена“ - порача синоќа од Гостивар претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, на партискиот собир под мотото „Промената започна“.
Прашан дали официјално ќе влезе во коалиција со албанскиот опозициски блок, вели дека оваа недела ќе се сретне со лидерите на албанската опозиција.
„Се уште немаме платформа со опозициските партии. Оваа недела јас сакам да го слушнам и народот во неколку градови. Затоа бевме и во Куманово. Кај луѓето има позитивна енергија. Следната недела може ќе се сретнам со претседателите од албанските опозициски партии, да седнеме да разговараме и да одлучиме кога би направиле официјална коалиција со некоја платформа“ - кажа Таравари.
Прашан дали ќе формира партија, вели „ако некој смета дека Алијанса за Албанците е нечија сопственост и дека ја донел од дом, ќе му ја однесеме дома и ќе му ја вратиме“.
Но партијата е на гласачите, на членството, на луѓето што ја поддржуваат, кажа Таравари.
Тој пред започнувањето на собирот, во Фејсбук статус наведе дека Судот ќе одлучи кој ќе ја води Алијанса на Албанците.
„Нашата кауза е промена. Несупешни се обидите на ДУИ и сценаристот Груби да не дефокусираат за тоа чија е партијата и кому му припаѓа. Од денес, повеќе нема да се занимаваме со оваа работа. Секој кој има поплаки нека се обрати до судот. Нашата се промените кои започнаа. 8 мај е секој ден се поблиску“ - напиша Таравари во Фејсбук статус.
Претходно, на централното собрание на партијата, што се одржа во Скопје, е донесена иницијатива за разрешување на Арбен Таравари од претседател на Алијанса за Албанците, информира Зијадин Села, кој според статут е претседател на партиското собрание на АА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа