Таравари информираше во каква состојба се пациентите од пожарот во Кочани

 

 

Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 што беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациента, а надвор 101. Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште три.

-Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави, истакна Таравари.

Според него, од пациентите во државава, 34 се на Клинички центар, 15 се во ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Сиситина“ се згрижени 7 пациенти и во „Жан Митрев“ 4.

-Надвор се 101 пациент, вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не, рече Таравари. 

 

Инаку,  загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат погребани. Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди.  

Владата вчера ги задолжи државните институции, а на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор им препорача да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани.

 

20.03.2025 - 10:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега