Талески: Градоначалникот на Неготино се сонча, Мицкоски фрла лопати, државата гори

СДСМ денеска ја обвини владата на Мицкоски за состојбата со пожарите велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ немарно се однесувала во кризата и доцнела со одлуките.

Пратеникот Талески на прес конфереција ги презентираше фактите и редоследот на настаните пред се за пожарот во Неготино и планината Серта.

Талески го обвини Мицкоски и градоначалникот на Неготино Горан Стојков дека се однесувале неодговорно а пожарите воопшто не им биле приоритет.

„Владата и надлежните институции целосно потфрлија и задоцнија во реакцијата со што дозволија да изгорат околу 1500 хектари зеленило ширум државата, а само во неготинско преку 1000 хектари на планината Серта“ - рече Талески

Тој тврди дека три дена градоначалникот на Неготино не се појавил на работа додека бил на одмор во Грција а состојбата веќе била исклучително лоша.

„Од 9 до 13 јули, месното население, со многу слаба организација и поддршка се бори со огнот за да се спасат селата Пепелиште и Восјанци. За цел тој период, односно 9,10 и 11 јули градоначалникот на Неготино, Горан Стојков се сонча во Грција на одмор. На ум не му паѓа да се врати во Неготино.“ - обвини Талески.

Тој порача дека одговорност мора да има бидејќи причината за ширењето на пожарите ја лоцира во целосната негрижа и отсуство на одговорност кај Мицкоски и Владата.

„Додека граѓаните апелираа по социјалните мрежи, а СДСМ јавно бараше брза реакција, Мицкоски реши дека е подобро да оди во Охрид да фрла лопати околу да се грижи за безбедноста на граѓаните. Доколку кризниот штаб му беше приоритет на Мицкоски, а не лажните промоции на проекти, можеше да се спаси поголем дел од она што сега е уништено.

Во целата ситуација Претседателката Сиљановска исчезна и се занимава со протоколарни средби. Се што дознавме е дека Сиљановска не можеле да ја најдат два дена да ги потпише одлуките за прогласување на кризна состојба. Лежерноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ е реална опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните“ - рече пратеникот на СДСМ, Миле Талески.

16.07.2024 - 13:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега