СЗО повикува на итно отворање хуманитарен коридор за Газа

 

Светската здравствена организација објави дека ѝ е потребен итен пристап до Газа за испорака на помош и медицински материјали, истовремено предупредувајќи на долготрајна хуманитарна криза во палестинската енклава.

Регионалниот директор за вонредни ситуации на Регионалната канцеларија на СЗО за Источен Медитеран, д-р Ричард Бренан, рече дека агенцијата се состанува со „носителите на одлуки“ во вторник за да се отвори пристапот до Газа што е можно побргу.

„Имаме помош јужно од Рафах и чекаме дозвола за влез во Газа“, рече тој. Рафах, единствениот граничен премин меѓу блокираната Газа и Египет, стана клучен за снабдувањето со Газа.

Израел почна интензивно бомбардирање и опсада на Газа по разорниот напад на исламистичките милитанти Хамас на 7 октомври.

Претставникот на СЗО за окупираните палестински територии, д-р Ричард Пиперкорн, рече дека 2.800 луѓе се убиени, а 11.000 се повредени во Газа од почетокот на израелските воздушни напади.

Имаше 115 напади врз медицински установи, а повеќето болници во Газа се борат да се грижат за болните и ранетите поради недостиг на вода и електрична енергија, медицински материјали, соопштија официјални лица.

Агенцијата соопшти дека избувнувањето болести претставува дополнителна закана и предизвика загриженост за речиси 350.000 луѓе во Газа со хронични болести, како што е дијабетесот, кои исто така се борат да пристапат до здравствена заштита.

17.10.2023 - 16:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега