Судскиот совет свика итна седница: Ќе расправа за случајот „Таргет – тврдина“
Судскиот совет на Република Северна Македонија денска ќе одржи седница на која ќе расправа по изнесените информации во јавноста за постапувањето на Апелациониот суд Скопје по предметот познат како „Таргет-Тврдина“, како и по други премети од интерес за јавноста кои се на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во врска со одлуката на Апелациот суд Скопје со која беше укината првостепената пресуда и предметот „Таргет – Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување, го врати на повторно постапување, викендов во писмена изјава до медиумите најави дека денеска во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет согласно своите надлежности, ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба ќе ја информира јавноста.
-Со оглед дека вчера дознав од медиумите за конкретниот случај, во понеделник во рамки на моите овластувања веднаш ќе преземам дејствија, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија, вели во писмената изјава Дамева.
Премиерот Димитар Ковачевски како и многумина други изрази разочарување во однос на овој судски случај, што, како што кажа, само ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем мерено според истражувањата на јавните мислења. При тоа подвлече дека како Влада ниту се мешале, ниту ќе се мешаат во судската власт, односно во судството со оглед дека судството и правосудството не се место за политичка борба и политички натпревар.
-На правосудниот систем е, кој е независна власт од Владата, низ една транспаретна постапка да ги објасни на граѓаните одлуките кои ги носат и дополнително да работи на унапредување на своето работење, а со цел да ја зголеми довербата кај граѓаните и да обезбеди фер услови за сите граѓани да бидат во државата еднакви пред Уставот, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуките на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“ и реакцииите во јавноста.
Претседателот Стево Пендаровски изрази шокираност од одлуката на Апелацискиот суд да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.
Апелациониот суд Скопје, во петокот, ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. Во образложението на Апелацискиот суд стои дека при разгледување на пресудата констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер.
За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа