Судењето за нападот врз Пендиков одложено за 5 април
Главната расправа од судењето против напаѓачот над секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, е одложено за 5 април.
Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетиот рочиштетот да се одложи и да им бидат доставени доказите прибрани од Обвинителството. Нема доставено и адреса на оштетениот Пендиков, а обвинителите кажаа дека не знаат кога тој ќе може да дојде во судот поради здравствени причини.
Судскиот процес во Основниот суд во Охрид го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот ќе му се суди за крвично дело напад од омраза со тешки повреди.
Основното јавно обвинителство – Охрид за нападот врз Пендиков поднесе обвинение против две лица. Едниот обвинет досега се бранеше со молчење, и како што информираа претходно од Обвинителството, тој се товари за кривичното дело по увид во надзорните камери и изјави на сведоци. Вториот обвинет, пак, кој беше во бегство, беше приведен минатата недела во Битола.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Бугарските власти испратија авион со кој Пендиков беше транспортиран на лекување во Софија каде што се уште се наоѓа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа