Студенти од Правниот факултет „Јустинијан I" на гости во Уставниот суд
Студенти од Правниот факултет „Јустинијан I" го посетија Уставниот суд и се запознаа со работата и надлежностите на судиите. Посетата беше организирана на барање на ЕЛСА (Европското здружение на студенти по право) и се реализираше во рамки на активностите за разбирање и учење на правото во пракса.
Студентите присуствуваа на 40. седница на Уставниот суд која се одржа на 14 декември 2022 година и имаа можност да ги слушнат аргументите на судиите за предметите коишто беа ставени на дневен ред. По седницата направија обиколка во Судот и се запознаа со условите за работа на вработените и имаа можност да разговараат со претседателката Добрила Кацарска која ги упати во улогата и значењето на Судот, како и уставно-судската пракса низ случаи кои биле во фокусот на јавноста.
„Секогаш имајте предвид дека добри правници се чесните, професионални и луѓе со интегритет кои не должат никому ништо и одлучуваат исклучиво во интерес на граѓаните, без оглед дали станува збор за уставни судии, кривичари или судии од граѓанската област. Вложувајте во вашата лична надградба и напредок со читање и заинтересираност, учете од поискусните”, им порача претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Студентите беа заинтересирани како се носат одлуките во Уставниот суд, родовиот баланс во правосудството и Уставниот суд, се интересираа дали жените судијки имаат еднакви права и третман како мажите судии, како се справуваат судиите со надворешните влијанија и притисоци итн.
Како претставници од Уставниот суд, на средбата покрај претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска присуствуваа секретарот на Судот, Александар Лазов и портпаролката Христина Беловска која ги информираше како се практикува транспарентноста на Уставниот суд и на кој начин Судот ги информира новинарите и граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа