Средба Пендаровски-Рубин: Како дезинформациите влијаат врз демократските процеси?
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.
„На средбата се разговараше за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво.
Претседателот Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите.
Претседателот ја истакна посветеноста на Северна Македонија да продолжи активно да работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции“, стои во соопштението на Кабинетот на Пендаровски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа