Средба на претседателот Пендаровски со професори од програмата „Конекција Оксфорд“
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими професорите Лорна Смит и Џонатан Брант од Оксфордскиот универзитет и професорите Костаке Милков и Нада Милкова од Балканскиот институт за вера и култура, кој преку програмата „Конекција Оксфорд“ остварува соработка со повеќе македонски академски и високообразовни институции.
На средбата, претседателот Пендаровски беше информиран за активностите во рамки на програмата „Конекција Оксфорд“, чија цел е поврзување на релевантните македонски институции со едно од водечките места за високо образование во светот со што овозможува размена на идеи меѓу академици, професори, научници, студенти и други интелектуалци. Соговорниците разменија мислења за заложбите во науката, културата и уметностите како двигатели на напредокот со придонес кон благосостојбата на луѓето во општеството.
Попладнево во Кабинетот на Претседателот, во рамки на програмата „Конекција Оксфорд“ двајца од предавачите, Џесика Поинтинг, докторант по физика на Универзитетот во Оксфорд и Даниел Венингер, претприемач, инструктор за развој на лидерство и соработник капелан, со седиште во Оксфорд, Велика Британија и во Вормс, Германија ќе одржат предавања кои ќе ги проследат студенти и професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од Филозофскиот факултет.
Од 2019 година, во рамки на програмата „Конекција Оксфорд“ над 90 професори, предавачи и докторанти од Оксфорд имаа можност да ги образложат своите тековни истражувања во областите на физиката, медицината, филозофијата, книжевноста, драматургијата, бизнисот, филмската уметност, теологијата и лингвистиката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа