Средба на министерот Мисајловски со амбасадорот на Турција

Попладнево во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски оствари средба со амбасадорот на Република Турција, Н.Е. Фатих Улусој и со одбранбеното аташе полковник Реџаи Јилмаз.

На средбата од страна на соговорниците беше потенцирано дека билатералната одбранбена соработка е на високо ниво и дека нема сомнеж дека истата ќе продолжи со ист интензитет.

Министерот Мисајловски нагласи дека Турција е наш значаен партнер, сојузник во НАТО Алијансата и поддржувач уште од осамостојувањето на нашата држава. Земја која сите овие изминати години дава огромен придонес во процесот за модернизација на Армијата.

Голем број припадници од Армијата и вработени од Министерството за одбрана имале можност да се едуцираат и обучуваат во Турција, во воениот колеџ, во воената медицинска академија, во НАТО центарот за извонредност, како и да учествуваат на голем број заеднички вежби.

Мисајловски искажа огромна благодарност до Турција и нејзините граѓани која веднаш се вклучи со испраќање помош за справувањето со пожарите кои ја зафатија нашата земја. „Така постапуваат вистински пријатели“ истакна министерот Мисајловски на денешната средба.

17.07.2024 - 22:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега