Србија: 444 пожари за 24 часа

 

Во последните 24 часа се евидентирани 444 пожари во Србија и се спасени шест лица. Се апелира до сите граѓани со одговорно однесување и совест да помогнат во борбата против огнените стихии.

„Пожарникарите и спасувачите вложија натчовечки напори да го изгаснат пламенот, но вашата поддршка е клучна! Секоја невнимателно фрлена цигара, секој неконтролиран пожар во природата може да предизвика катастрофа“, се вели во соопштението на МВР на Србија објавено на социјалната мрежа Инстаграм.

Оттаму додаваат дека пожарникарите-спасувачи ги ризикуваат своите животи гаснејќи пожари во тешко пристапните подрачја, како што се Специјалниот природен резерват „Клисурата на реката Милешевка“, планината Видлич кај Пирот, Мокра Гора и многу други области каде природата е скапоцена.

„Приклучете се во борбата против пожарот со вашата свесност и одговорно однесување. Запомнете, вашата претпазливост може да значи разлика помеѓу животот и смртта, помеѓу зачуваната природа и непоправливата штета. Не ризикувајте. Да ја заштитиме природата, да заштитиме животи“, се вели во соопштението.

19.08.2024 - 16:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега