Спасовски на Отворен ден на МВР со студентите на Факултетот за безбедност: Правна рамка за сигурно вработување на најдобрите студенти

На средбата уште еднаш беше констатирана одличната соработка помеѓу овие две институции која од 2017 година постојано се унапредува и од страна на министерот Спасовски беше презентиран план за креирање на правна рамка за заедничка соработка во насока на обврска Министерството за внатрешни работи секоја година да вработи одредена бројка на најдобрите студенти од Факултетот за безбедност.
„Во насока на постојано унапредување на транспарентноста на министерството и полицијата почнуваме циклус на отворени денови во МВР каде за студенти, ученици и граѓани ќе ги отвориме вратите на Министерството со цел запознавање на граѓаните со процесите каде се креира и реализира безбедноста на граѓаните и државата. МВР , дел од граѓаните го доживуваат како затворена институција, а преку ваквите иницијативи и пракси ќе ја унапредуваме и негуваме довербата на граѓаните и транспарентноста на министерството која е унапредена на значително високо ниво“, потенцираше министерот Спасовски.
На средбата пред присутните студенти, Спасовски ја презентираше идејата за креирање на правна рамна за соработка помеѓу министерството и Факултетот за безбедност со која МВР ќе преземе обврска секоја година да бидат вработени одредена бројка на најдобрите дипломирани студенти со цел зголемување на капацитетот на министерството за внатрешни работи.
„МВР е институцијата која се грижи за безбедноста на сите граѓани, се бори со сите видови криминал и го чува општеството безбедно и за тоа ни се потребни најдобрите луѓе со висок интегритет, впрочем какви што креира Факултетот за безбедност, нашата најстара и најреномирана високообразовна институција од областа на безбедносните науки. За да продолжиме да градиме силна институцијата најважни се луѓето во неа , а Факултетот за безбедност креира најквалитетни кадри од областа на безбедноста. Со оваа иницијатива ја продолжуваме одличната соработка на сите нивоа помеѓу Министерството и Факултетот која ја засиливме од 2017 година и ја унапредуваме постојано“, потенцираше Спасовски. .
Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски како дел од иницијативата силно ја поздрави нејзината реализација и посветеноста на Министерството и министерот Спасовски кон постојано надградување на капацитетите на министерството, во овој случај и со обврска за преземање правна рамка за инкорпорирање во своите редови на најдобрите студенти од факултетот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа