Спасовски: Имаме опремена полиција, со нас граѓаните се безбедни

 
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, направи компарација на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатот во кој Спасовски раководи со Министерството.
„Упатувам апел да си закажете седница на Собрание, има многу деловнички можности на секоја тема да разговараме поединечно, тука нема бегање, може комплетно за секое прашање да разговараме и да видиме зошто довербата на полиција во 2017 била 23%, а денес е повеќе од 50%”, рече министерот Спасовски, при што додаде дека може да се разговара со факти и податоци.
 „Зошто во време на министрите Јанкуловска и Чавков МВР како институција била најмногу затворена, а денеска е во три најтранспарентни. Зошто наследив доспеан долг од 40 милиони евра на 1 јуни 2017 година, а денес 2022 ја завршувам со година без долг и без пренесување долг во 2023. Да разговараме за борба против криминал и корупција, кои се резултати на ВМРО до 2017 а кои се денес. Тука нема никаква дилема. Кој бил приведен или уапсен или се наоѓа во затвор? Секој еден што правел криминал, без разлика кој е. Знаете дека два министри, директори на БЈБ, 36 полициски службеници, функционери кои вие ги поставивте денес се во затвор. Тука нема дилема”, истакна министерот Спасовски.
 „Ако сакате да разговараме како се носеа Буџети на 24 декември 2012 кога не исфрливте од салата на Собранието и во ист момент да избрете Народен правобранител. Или да разговараме за рушење на човекови права, за убиство на Мартин Нешковски, за употреба на оружје во училишта, за јавен ред и мир тогаш и сега, за безбедноста во сообраќајот тогаш и сега. Да разговараме за неисплата на бонус плати до 2017, а полицајците мораа да тужат, а денеска исплатени се сите бонус плати и немаме ни денар трошок за судски наплати. Да разговараме за распаднати објекти во време на ВМРО-ДПМНЕ, и за 78 реконструирани објекти денеска, за ниту една изградена зграда во време на ВМРО-ДПМНЕ и за три нови круцијални објекти денеска - Центар за заштита на информатички податоци во Прилеп, Национален форензички центар и неколку полициски станици”, беше дециден министерот Спасовски.

Во однос на партизација на институцијата, министерот Спасовски истакна:
„Кога зборуваме за партизација, зборуваме за ВМРО-МВРО или сега? Нема ситуација сега за која може да разговарате. За злоупотреба на сите возила на МВР до 2017, за злоупотреба за изборни процеси, фалсификувани 36.000 лични карти лично од Јанкуловска кои им ги дававате на ден на гласање и ги враќавте во МВР или за сега, од изборен процес во изборен процес бележиме целосно намалување на било какви неправилности. Мојот стратешки приоритет е департизација, деполитизација и декриминализација на институцијата која ја направивте во овие 11 години ”, рече министерот Спасовски, при што додаде дека може да се разговара на овие теми било кога кога ќе се побара таква седница пред јавноста.

29.12.2022 - 20:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега