Спасовски и Несторовска на терен во скопско Дебар Маало: Континуирано се зголемува бројот на жени на раководни позиции во МВР

 

Вечерва, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка Магдалена Несторовска , во скопско Дебар Маало ги посетија полициските службеници од Единицата за интервентна полиција кои во овој дел од градот Скопје на терен преземаа службени активности во насока на зголемување на безбедноста и одржувањето на јавниот ред и мир. Посетата е продолжение на серијата средби на министерот Спасовски со полициските службеници, каде на лице место во работна атмосфера, директно на терен се информира како се остваруваат предвидените планови и задачи. Изразувајќи најдлабоко почитување кон сите припаднички на женскиот пол, во чија чест се празнува денешниот меѓународен празник – 8 Март, министерот потсети дека денешниот ден претставува симбол на борбата за права и еднаквост на жените во целиот свет.

„Посебно задоволство причинува фактот што еден дел од Единицата за интервентна полиција се токму припаднички на женскиот пол, кои празникот ќе го одбележат работно, рамноправно со нивните колеги на терен, преземајќи службени активности во насока на зголемување на безбедноста и одржувањето на јавниот ред и мир“, истакна Спасовски упатувајќи охрабрување да покажат уште поголем интерес за учество во оваа единица, чија улога е извонредно важна во нашето секојдневно полициско работење на подрачјето на градот Скопје, со цел поголема безбедност и сигурност на сите наши граѓани и граѓанки, за што говори и статистиката, според која во првите два месеца од 2023 година, споредено со истиот период минатата година, бележиме намалување на вкупниот криминалитет за 31,55%. „Од аспект на родовата еднаквост би сакал да нагласам дека на ниво на организациони единици во МВР горди сме што 48% од раководните позиции се доверени на жени. Исполнетоста на принципот на застапеност на жени на раководни позиции е евидентна и во рамки на Бирото за јавна безбедност, па жените се на раководни позиции на Оддели како помошници директорки, началнички, командирки, жените, активни се и во Специјалната антитерористичка единица, Единицата за брзо распоредување и Интервентната полиција и ги покажуваат своите врвни професионални перформанси и како пилоти, што порано не беше случај“, рече Спасовски, додавајќи дека со Новиот Колективен договор помеѓу МВР и МПС предвиден е паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност, за секое новородено дете, на жени вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки.

Од страна на Државната секретарка Магдалена Несторовска беше нагласено дека изминатите години во Министерството за внатрешни работи се забележува голем напредок во креирање на родово сензитивните политики. „Тоа се забележува преку вклучување на жени на високи одлучувачки позиции кои учествуваат во креирање на политики, поставување на жени на раководни функции како на стратешко ниво така и во оперативните служби во министерството. Раководството на министерството особено се зазема за сензибилизација на мажите вработени во министерството, затоа што родовата еднаквост не е само женско прашање и борбата за родова рамноправност мора да биде заедничка борба на сите, и на мажите и на жените“ истакна Несторовска.

08.03.2023 - 21:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега