Спасовски до Мицкоски: Направивте брутална партизација

 

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцираше дека Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, направија целосен демант на ветувањата во изборната кампања кои се однесуваат на формирање на професионална департизирана администрација.
 
„Во време на изборната кампања имаше ветување дека ќе се формира мала професионална администрација во којашто департизацијата ќе биде основа, дека нема да имаме непотизам, дека само стручни и компетентни кадри ќе бидат поставени на позиции. Само во овие 100 дена направивте целосен демант со постапките за коишто можеби знаете како одлуки а можеби и не знаете“, рече Спасовски.
При тоа, Спасовски во прашањето до Мицкоски, посочи дека во првите 100 дена од Владата на ВМРО ДПМНЕ, јавноста е сведок на повеќе примери на непотизам.
 
„Сестрата на министерот за култура Љутков, вработена во Музејот во Велес во овој период, братот на помошникот на министерот за внатрешни работи во Центарот за обука се вработил во Центарот како предавач од неодамна. Во Македонски Брод има една цела листа за 100 дена, може да кажеме 100 дена или 100 дена вработувања од семејството“, рече Оливер.
 
Говорејќи за стручноста и компетентноста на дел од избраните кадри на ВМРО ДПМНЕ, Спасовски го посочи за пример изборот на директорката на Комисијата за верски заедници, Оливера Трајковска.
 
„Започнала студии на Теолошкиот факултет во Скопје во 1997 година, дипломира 2023 година, значи после 26 години кај колега со кој заедно почнале да студираат.Дали ова се критериумите? И ако се тргне од претпоставката, тој што најдобро знае за теологијата, нема конкуренција личност што толку време студирала. И втората работа е во однос на стекнувањето на дипломата, бројот на годините колку што треба за директор и учеството односно работењето во државната администрација. Дали овие принципи коишто ги заговаравте претходно на стручност, на компетентност, на немање на непотизам, исто така ќе побарате ревносно да се расчистат во јавноста, и тие коишто искористиле одредени позиции на моќ за да успеат во намерите на своите блиски да ги вдомат, дали ќе преземат одговорност и ќе има разрешување, бидејќи тоа беа барањата коишто претходно како опозиција ги баравте“, порача Спасовски.
31.10.2024 - 17:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега