Состојбата во земјата била стабилна, ама тим за сајбер безбедност ќе ја контролира ситуацијата со дојавите за бомби
Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница по зачестените дојави за бомби во државава вчера на состанок оцени дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и донесе одлука да се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани.
-Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани, соопштија од Владата по седницата на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера оцени дека реална закана за безбедноста на нашите граѓани нема, но лажните дојави за бомби не треба да останат така, туку треба да се работи посериозно на откривање на сторителите за да знаеме точно од кого се предизвикани и што е целта на ваквите дојави.
– Една од претпоставките е позицијата на Република Северна Македонија во поглед на конфликтот во Украина, односно јасното застанување на страната на правдата во оваа држава. Целта на лажните дојави е да се предизвика паника и недоверба во институциите меѓутоа и паника кај населението. Но, кога ќе видите дека главната цел е психичка дестабилизација и негативно влијание врз граѓаните, сите претпоставки се отворени, рече Петровска во одговор на новинарско прашање.
Координацијата за лажните дојави за бомби се одвива помеѓу министерствата за внатрешни и за надворешни работи, но се вклучува и Министерството за одбрана со своите капацитети и со военото разузнавање.
– Оние информации кои пристигнуваат до нас ги споделуваме со МВР и МНР со цел да се направи стратегија за побрзо и поефикасно дејствување. И од искуствата од земјите во регионот, па и пошироко се гледа дека кога станува збор за ваков тип на дејствување откривањето оди многу побавно заради тоа што се користат современи алатки на комуникации за кои е потребно малку повеќе време. Останува на институциите да работат уште посилно во откривањето, меѓутоа и во зајакнувањето на сопствените капацитети со цел да ја гарантираат безбедноста на граѓаните, потенцира Петровска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа