Сојуз на земјоделски здруженија: Да не се потпишуваат договорите за новата реколта тутун без зголемување од 20 насто

 

Тутунарите да не ги потпишуваат договорите со откупните компании за новата реколта тутун додека цените не се зголемат за 20 насто, бара и апелира Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија вели дека откупувачите побрзаа да ги склучуваат договорите уште незавршен официјалниот откуп на ланската реколта (до 28 февруари) што значи дека им треба родот, но ги нудат постојните, а не нови зголемени цени по класи. Треба да се преговара за нови цени.

- Ги повикуваме тутунарите да не ги потпишуваат договорите. Ако не ги потпишат, фирмите ќе имаат непотпишани договори, што значи не ќе може да ги внесат во ИСЕТ што мора да се направи до 20 март. Друга законска можност немаме за да ги притиснеме фирмите, освен да ги повикаме тутунарите да не ги потпишуваат договорите со исти цени. Целта ни е да седнеме, да преговараме, а некои фирми веќе почнаа да се јавуваат за преговарање. Додека не се зголемат цените по класи за 20 насто, нема да ги прифатиме договорите. Откупувачите испратија договори, но со лански цени, без зголемувања по класи. Ние им одговоривме дека нема да ги потпишеме договорите, зашто не се согласуваме со понудените цени. Тие се без зголемување и се на ланското, последно, ниво од 300 за прва класа, 240 за втора и 180 за трета класа. Ние сакаме зголемување за 20 насто, зашто се зголемува инфлацијата, а се зголемуваат и трошоците за производство, изјави Стомнароски.

Злате Даноски, претседател на тутунското здружение „Мице Козар“ од Прилеп и Гоце Јончески, тутунопроизводител од Прилепско, објаснуваат дека ако не се зголемат цените ќе стане неисдплатливо производството и ќе ја доведе во опасност иднината на оваа земјоделско-индустриска гранка. осдобено што младите немаат интерес да работат на нивите.

 Ако склучиме договори, тутунот ќе оди по стара цена. Мора да бидеме заедно, да не ги потпишуваме договорите и да се избориме за зголемување на цените. Со овие цени не може да биде рентабилно производството, ќе остане само маката. Младите не се заинтересирани, останаа само повозрасните да го работат тутунот. Со овие цени нема воопшто да сакаат да работат, вели Даноски.

- На нивите останаа средновечните да го работат тутунот. Почна подготовката на расадопроизводството. Со овие цени никој нема да работи. Ако сакаме, барем дел од младата генерација да остане, мора производството да биде исплатливо. Со овие цени, без зголемување, нема да има сигурна иднина за тутунопроизводството, вели тутунарот Гоце Јончески.

Ланската реколта од 21 000 тони се откупи по просечна цена од околу 290 денари и тоа за првпат тутунот се купи еден месец пред законскиот рок, 28 февруари. Почна расадопроизводството за новата реколта. Тутунарите очекуваат да ги добијат што поскоро субвенциите, кога им се најголемите трошоци за новата реколта. Од тутунопроизводството во земјава егзистираат преку 25 000 семејства. 

04.03.2023 - 15:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега