Собранието изгласа: Азир Алиу, Кренар Лога, Фатмир Меџити и Каја Шукова се новите министри

 

Пратениците конечно ги изгласаа тројцата нови министри во кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски. Со 65 гласови за, ниту еден воздржан или против, владејачкото мнозинство ги изгласа Азир Алиу, Фатмир Меџити, Кренар Лога и Каја Шукова за нови министри за информатичко општество и админстрација, здравство, правда и животна средина.

При гласањето за Кренар лога на таблата за пребројување се појавија 64 пратеници, но собранискиот спикер, Талат Џафери образложи дека пратеникот Мендух Тачи имал технички проблем и гласот го потврдил со кревање рака.

Премиерот Ковачевски по избирањето на новите министри рече дека реконструкцијата не е мотивирана од имиња и презимиња, од партиски интереси, туку поради зајакнување на позиците на државата на меѓународен план, заштита на националните интереси и окрупнување на чинителите кои се проевропски ориентирани.

-Вие почитувани пратеници, владата, сите ние имаме должност кон граѓаните да градиме општество кое доликува на современите демократии, општество интегрирано во Европската унија. За подобар и попросперитетен живот на сите наши граѓани. Затоа, сѐ додека сум премиер во владата, вратата ќе остане отворена за секој пратеник, за секоја политичка партија, поединци со кои за Северна Македонија ќе создаваме европска Македонија, затоа што нашите граѓани заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.

Според него, власта мора да се залага за забрзан економски раст на државата.

-Граѓаните овде имаат капацитет, имаат вештини и знаење. Затоа на нас е да им го овозможиме сето тоа. Пред вас, пред нас има голема работа што допрва претстои. Одговорноста што ни ја доверија граѓаните нѐ обврзува уште поодговорно да работиме на реформските процеси во државата, рече Ковачевски.

Собраниската седница по еден час пауза продолжи со работа нешто по 23 часот. Претходно, на  владејачкото мнозинство му недостасуваа пратеници за гласање на новите министри, по што координаторот на пратненичката група на СДСМ, Јован Митревски побара пауза од еден час.

27.02.2023 - 23:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега