„Скопје1“: Вања е убиена со истрел од огнострелно оружје, покажува извештајот на Судска медицина

Извештајот од одбукцијата на Судска медицина покажува дека истрел од огнострелно оружје е начинот на кој е убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска, јавува порталот „Скопје1“ повикувајќи се на неофицијални информации од Судска медицина. Според порталот, истрелот бил во пределот на главата.

Засега не е познато со какво оружје е пукано, бидејќи одговор на тоа ќе треба да даде вештачењето на куршумот.

Наодите од Судска медицина во Јавното обвинителство пристигнаа во петокот, иако обдукцијата на нејзиното тело беше направенa 17 дена претходно. Меѓутоа, од ОЈО не дадоа никакви дополнителни информации, ниту за точното време на смртта на малата Вања, ниту за начинот на кој таа беше убиена. Единствено, претходно беше напоменето дека не станувало збор за „обична обдукција“.

Наодите од Судска медицина би можеле да бидат клучен доказ во постапката, но од Јавното обвинителство веќе кажаа дека тие нема да бидат објавени јавно за да не наштетат на истрагата.

Претходно, шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски кажа дека во досегашната истрага материјалните докази ги потврдуваат и исказите од осомничените во случајот.

Согласно доказите, меѓу кои е и обдукцијата на Вања Ѓорчевска, ќе се утврди натамошниот тек на истрагата. Ќе се издаваат дополнителни наредби за обезбедување на материјали, вештачења, испитувања на лица кои можеби имаат некакви сознанија. Меѓудругото, наодот може да биде и клучен за квалификацијата на кривичните дела за кои ќе се гонат сега осомничените.

За овој случај, од почетокот на истрагата на Обвинителството до сега, нема нови осомничени освен шестмината, од кои пет лица се во притвор повеќе од половина месец.

Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција.

Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор.

24.12.2023 - 21:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега