Скопје добива нов зелен мега парк: Засадени 956 дрвја
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, г. Изет Меџити учествуваше во иницијативата за засадување садници во новиот Мега парк во општина Карпош, дел од акцијата за урбано зазеленување на Скопје, со донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
За време на иницијативата за засадување 956 дрвца, во присуство на амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, претставникот на УНОПС во Северна Македонија, Марко Вујачиќ, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, Меџити рече дека оваа иницијатива ја нагласува силата на партнерствата помеѓу Европската Унија, централната и локалната власт, како и партнерите за имплементација како што е УНОПС.
„Работејќи заедно, успешно ги усогласивме ресурсите, експертизата и заедничката посветеност за подобрување на урбаните средини. Со засадување на 956 дрвја, стари по две и три години, од 16 автохтони видови, кои покрај ефектот на намалување на количината на CO2 во атмосферата, ќе ги апсорбираат и ПМ честичките, ќе ги ограничат ефектите од урбаните топлински острови, дополнително со зеленилото на разни локации во градот ќе ја направат околината многу поубава и поатрактивна за рекреативни активности, како што се бреговите на реката Вардар”, рече Меџити.
Меџити информираше дека акцијата нема да се спроведува само во Скопје, туку дека вакви акции се преземени и ќе се преземаат во градовите Тетово, Куманово и Битола, а ќе може да им се приклучат и четирите најголеми градови во иницијативата на Економскиот совет на ОН за Европа „Предизвик на дрвјата во градовите“, бидејќи ќе бидат засадени околу 6000 дрвја, главно зимзелени, како дел од мерките против загадувањето на воздухот.
17.12.2024 - 17:32
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа