Сиљановска во Полска: Ќе се заложам за интензивирање на соработката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на престојот во Република Полска, го посети Јагелонскиот универзитет во Краков, една од најстарите европски високообразовни институции, основана во 14 век.
Таа вчера оствари средба со македонистите и славистите од Полска, каде беше запознаена со историјатот и работата на Лекторатот по македонски јазик, со интересот на полските студенти за изучување на македонскиот јазик, како и со нивните активности за промоција на македонскиот јазик и култура. Македонистите ја нагласија својата соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, како и своите заложби за културна и образовна размена меѓу двете земји.
- Да бидете на еден од најстарите европски универзитети, Универзитет што настанал во 14. век и тој да е полн со живот, е навистина коперниканска инспирација, изјави Сиљановска-Давкова. Таа нагласи дека ќе се заложи за интензивирање на соработката, отворање на културен центар и поддршка за преводи и заеднички проекти.
- Саатот зад мене ги покажува основачите на овој универзитет и она што го чув, мене ми дава за право да ветам дека навистина нам ни е потребен еден огромен полско-македонски исчекор во соработката, посочувајќи дека дури четири универзитети, некои од нив во сите степени на образование, други во определен степен на образование, се занимаваат не само со славистика, туку и со македонистика.
Јас како покровителка на меѓународниот семинар за македонски јазик и култура, ветувам дека ќе сторам се за да се интензивира соработката. Неколкупати чув дека е потребно да се отвори Културен центар. Значи да продолжиме со преводите од полски на македонски и обратно, да ги стимулираме заедничките проекти, меѓу кои и проект врзан за децата бегалци. Тоа отвора една друга ера, да чуете исто така за антрополошки истражувања, за истражувања, да речеме, на македонците - муслимани - е навистина нешто што ветува. Значи, јас од срце им благодарам на полските слависти, македонисти, за она што го сториле досега, за ширењето на македонскиот јазик и за македонската култура и предлагам да ја релативизираме далеченина, со Коперникански чекори да тргнеме напред, бидејќи навистина мислам дека во светот како место за разбирање, релативизирање на јазиците, градење на заедничка култура, ова место овде - Јагелонскиот универзитет, но и луѓето кои дојдоа од другите полски универзитети - многу ветува.
Покрај Коперник, меѓу угледните поранешни студенти на универзитетот се и шефови на држави, кралот Јован III Собиески, папата Јован Павле Втори и полскиот претседател Анджеј Дуда. Четворица нобеловци се поврзани со универзитетот, сите во литературата: Иво Андриќ и Вислава Шимборска, кои студирале таму, и Чеслав Милош и Олга Токарчук, кои предавале на таа институција.
Сиљановска - Давкова го го посети музејот „Колегиум Мајус“ и се потпише во книгата на впечатоци. Таа подари дрворез со македонски мотиви, додека од универзитетот доби репродукција на Јагелонскиот глобус.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа