Силјановска-Тајани: Членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прими министерот за надворешни работи на Италијанската Република, Антонио Тајани.

На средбата беше разговарано за можностите за унапредување на соработката на билатерален и меѓународен план, за тековните состојби во однос на македонскиот пристапен процес за членство во Европската Унија, како и за актуелните случувања во регионот.

Соговорниците изразија задоволство од активниот и континуиран политички дијалог, којшто е потврда на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји.

Истакнувајќи дека членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет, претседателката изрази благодарност за континуираната поддршка од Италија на македонските евроинтеграции и доследното застапување на политиката на проширување на Европската Унија.

Во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот раст, претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше неопходноста од забрзување на пристапувањето кон ЕУ и изрази очекување дека со помош и силна поддршка од нашите вистински пријатели, земјава ќе успее полесно да го изоди европскиот пат.

Во таа насока, претседателката ја потврди посветеноста на исполнување на реформската агенда, одржување на добрососедските односи и активна регионална соработка.

Потенцирајќи дека Италија е наш важен политички и економски партнер, претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји и натамошно дополнително јакнење на безбедносната соработка во рамки на НАТО Алијансата.

Претседателката ја истакна подготвеноста и за унапредување на соработката преку културната и јавната дипломатија и ја посочи можноста за соработка со италијанските региони во областите на туризмот, младите и спортот, како и во областа на креативните индустрии.

10.09.2024 - 20:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега