Сиљановска Давкова оствари посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана

Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, денес ја оствари својата прва официјална посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, при што оствари средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски, со началникот на Генералштабот, генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски, како и со генералите во Армијата и раководни лица во Министерството.

По пречекот со воени почести, началникот на генералштабот и министерот за одбрана во присуство на генералите во Армијата и високите раководни лица во Министерството за одбрана и Генералштабот презентираа за актуелната состојба, процесите на трансформација и модернизација и опремување, обуката и активностите кои се од значење за извршување на мисијата на Армијата, како и учеството во операциите со кои придонесуваме во колективната безбедност.

Од страна на претседателката Сиљановска Давкова беше истакнато дека во Армијата како институција со најголема доверба во државата и докажан сојузник во Алијансата е неопходно понатамошно вложување за подобрување на условите за живот и работа во сите сместувачки капацитети, како и во армискиот полигон „Криволак“.

Претседателката изрази очекување дека Армијата, како и досега, ќе продолжи со истата посветеност да ја исполнува својата уставна должност да го штити територијалниот интегритет и независност, а армиските припадници да продолжат да бидат пример за професионализам, дисциплина и посветеност, како што доликува на земја членка на НАТО.

На тет-а-тет средбата меѓу министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска Давкова, беше потврдена посветеноста за унапредување на безбедноста, мирот и стабилноста во земјава, регионот, Европа и пошироко. Беше констатирана заложбата дека Македонија потребно е да има брз економски напредок, сигурна и стабилна иднина.

Министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска Давкова потенцираа дека припадниците на Армијата имаат најголема почит и доверба кај македонските граѓани и дека ќе преземат максимални напори за континуиран развој и напредок на одбраната. Во тој контекст тие истакнаа дека македонската Армија, заслужува да има современа опрема, а нејзините припадници можност за развој и напредок во кариерата.

Мисајловски и Сиљановска Давкова разговараа за идните вложувања во одбранбениот сектор и модернизација, јакнење на меѓународната одбранбена соработка со сојузниците и партнерите, како и унапредување на стандардите и условите за работа на припадниците на Армијата.

Во контекст на колективната безбедност, Мисајловски истакна дека активно ќе партиципираме во операциите за заштита на регионот и источното крило на Алијансата.

На средбата со генералот Ѓурчиновски се посочени и очекувањата во остварување на планираните процеси и евентуалните предизвици со кои може да се соочиме во областите од значење за функционирање на Армијата.

Претседателката како врховен командант на Армијата, согласно законските одредби е надлежна за најголем дел од суштествените прашања во одбраната меѓу кои и за донесувањето на стратегијата и планот на одбраната, организацијата и формацијата на Армијата, прописите од борбената готовност и поставувањето на главните раководни позиции во Армијата со генералски чинови.

04.07.2024 - 13:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега