Сиљановска Давкова – Ламберт: Белгија е голем пријател и искрен сојузник во процесот на македонската евроинтеграција

 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија, со седиште во Софија, Пол Ламберт.

На церемонијата на предавање на акредитивите претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, порачала дека Белгија е голем пријател и искрен сојузник во процесот на македонската евроинтеграција и дека во 30-годишната историја на дипломатски односи, двете земји успеваат да изградат динамични политички односи и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области.

-Белгија, како една од земјите основачи на Европската Унија беше и останува силен промотор на нашите евроинтеграциски процеси. Заслужуваме почеток на пристапните преговори без натамошно одложување. Владата и јас остануваме целосно посветени на реформите поврзани со евроинтеграцијата. Овој процес треба да се спроведе во согласност со копенхагенските критериуми. Ако реинтеграцијата во Европа не се дебилатерилизира, штетен преседан ќе се повтори и во случајот на другите држави од регионот, истакнала претседателката во поздравното обраќање.

Потенцирајќи дека македонскиот народ ги негува истите вредности како и Белгијците, претседателката изразила очекување амбасадорот да даде сопствен придонес кон нашата евеоинтеграција.

-Немаме сомнежи дека нашите белгиски пријатели ќе ни помогнат да станеме дел од европското семејство, чин што ќе отвори ново поглавје во нашата историја, ќе донесе нова енергија кај македонските институции и граѓани, ќе подигне нов бран на посветено себевложување за европската идеја, нагласила Сиљановска Давкова.

Посочувајќи дека Белгија е наш значаен трговски партнер, претседателката Сиљановска Давкова изразила интерес и подготвеност за интензивирање и продлабочување на заедничката соработка во сите области од заемен интерес, а пред сè, на економски план.

Амбасадорот Ламберт во своето обраќање, нотирајќи го тридеценискиот континуитет на билатерални односи што се градат врз заеднички вредности и заложби, истакнал дека Белгија ја препознава важната улога што нашата земја, како членка на НАТО, ја игра за глобалната безбедност и стабилност на регионот.

-Вашата земја е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во врска со руската воена агресија врз Украина, со што испраќа силен сигнал за својот стратешки избор – ЕУ и се потврдува како доверлив партнер. Вие постојано ја докажувате вашата политичка посветеност на евроинтеграцијата, како и амбицијата за одење напред во преговорите, посочил амбасадорот Ламберт.

Потенцирајќи ги придобивките од слободната трговија, тој ја изразил својата поддршка на белгиско-македонскиот бизнис клуб, основан во август 2023 година, што се стреми да создаде поволна средина за долгорочен економски раст, отворање на нови работни места и подобрување на животниот стандард и ја истакна заинтересираноста на белгиските компании за нашата земја.

Во својот говор тој го нотирал задоволството од грижата на нашата земја за интересите на малата белгиска заедница, како и нејзиниот придонес во развојот на билатералните односи.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасасорот му посакала успешно извршување на дипломатската мисија и изразила уверување дека ќе се ангажира во зајакнувањето на пријателските односи.

13.12.2024 - 18:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега