Сиљановска Давкова и Радев согласни дека е потребен дијалог и оти има војла да се најде решение

Со добра волја, меѓусебна почит и разбирање може да се најде решение за отворените прашања меѓу Скопје и Софија, оцени претседателката Гордана Сиљановска Давкова по вчерашната среба со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Шефот на бугарската држава, пак, очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од Сиљановска Давкова да стане конзистентна политика на Владата во Скопје и тврди дека Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Северна Македонија.

-Убедена сум дека разговорот што помина во една дебатна пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете. Уште еднаш се покажа дека кога ќе седнете и разговарате водени од добра волја bona fide, а не од mala fide ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни решнија. Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам, и се разбира дека сега го очекувам претседателот Радев да дојде во Скопје. Мислам дека ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат, изјави претседателката Сиљановска Давкова. 

Прашана околу што се согласиле со Радев, таа посочи дека се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите.

-Се обединивме околу фактот дека научените бугарски лекции на европскиот пат ќе ги добиеме, нема да треба да ги повторуваме грешките и оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен. Искрено секој од нас го кажа своето видување, со респект се сослушавме, но факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, а факт е и дека дијалогот е клучното решение, рече Сиљановска Давкова.

За прашањето околу внесување на Бугарите во Уставот конкретно не станало збор на средбата со Радев, а во врска со нејзиниот став за промената на Уставот, Сиљановска Давкова рече дека одлуките за овие прашања ги носат пратениците во Парламентот и не зависат од ставови на подинци. 

-Вклучувањето на Бугарите во Уставот не зависи од мене. Јас да сум апсолутен монарх можам да го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните, гласаат по сопствено убедување. Не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања, велам разговаравме, бидејќи ние не може да донесме решение, ниту да го наметнеме на останатите и на нацијата. Но, разговаравме и тоа е здраво, изјави претседателката.

Радев по средбата не даде изјава, туку се огласи преку соопштение од неговиот кабинет во кое се нагласува дека „Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија“. Радев истакнал дека дијалогот на највисоко ниво меѓу двете земји треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите, како и билатералната размена во областа на образованието, науката и културата.

- Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со РСМ и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да се постигне решение за отворените прашања во односите меѓу двете земји. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на РСМ. Ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на РСМ во интерес на младите во земјата, а тоа ќе биде позитивен знак за целиот регион, се наведува во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев.

Тој повикува и на многу поактивни заеднички напори од страна на Софија и Скопје за изградба на транспортниот коридор 8, кој, како што подвлекува, е од клучно значење за поврзаноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе создаде квалитативно нови услови за бизнис, туризам и поттикнување на инвестиции во регионален план.

14.09.2024 - 10:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега