Силјановска Давкова и Пелегрини разговараа за евроинтеграциите
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, оствари средба со претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, македонските евроинтеграции, како и за потребата од заеднички регионален пристап во надминување на глобалните предизвици.
Словачкиот претседател на средбата оцени дека македонската евроинтеграција е заложник на билатерализацијата на проширувањето на ЕУ, при што нагласи дека Словачка е силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и Братислава ја критикувала блокадата на македонската евроинтеграција на многу состаноци на Советот на ЕУ.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека високо ја цениме досегашната поддршка од Словачка за македонскиот евроинтегративен пат и изрази убедување дека меѓусебната помош ќе продолжи и во натамошниот дел од процесот на нашето пристапување во Европската Унија.
Претседателката изрази задоволство од континуираниот развој на македонско-словачките односи и уверување за уште поуспешна и плодна соработка во периодот што следи. Како сојузнички во НАТО, претседателката Сиљановска Давкова изрази уверување за продолжување на добрата соработка во одбраната и во безбедноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа