Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Тунис, Имен Лажили Амари
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Имен Лажили Амари, новоименуваната амбасадорка на Република Тунис, со седиште во Белград.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека двете држави имаат воспоставени дипломатски односи од 2019 година и дека покрај географската оддалеченост, како и припадноста на различни региони постои заемен интерес за посеопфатна соработка.
„Вашето денешно присуство овде го означува почетокот на едно важно поглавје во билатералните односи меѓу нашите држави и народи, што се надевам ќе се надградува и ќе се проширува сè повеќе“, нагласи претседателката и посочи дека постои голем потенцијал, за кој изрази убедување дека ќе биде соодветно искористен за натамошно унапредување на меѓусебните односи и за откривање нови области за соработка на економски, културен и меѓународен план, како и за размена на искуства и добри практики.
Амбасадорката Имен Лажили Амари во своето обраќање рече дека ја има привилегијата и големата одговорност да бидe прв амбасадор на Република Тунис во нашата земја и посочи дека приоритет за време на нејзината мисија ќе биде збогатување на билатералната правна рамка како основа за идна соработка
„Убедена сум дека вашата континуирана посветеност на родовата еднаквост само ќе ги зближи нашите две земји, бидејќи Тунис, од нејзината независност во 1956 година, е пионерска земја во однос на промовирањето на статусот на жените, не само во регионот на Северна Африка и Блискиот Исток, туку и низ целиот свет“, рече новоименуваната амбасадорка на Република Тунис и додаде дека за време на нејзиниот мандат ќе настојува да ги зајакне врските меѓу двата народа, особено преку поттикнување на културните размени.
Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваната амбасадорка на Тунис и посака многу успех во извршувањето на нејзината одговорна дипломатска мисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа