Шукова: По пожарот во Фалише ќе има загадување – но државава нема акредитирана лабораторија за испитување на органиски испусти

Почвата, водата и воздухот во околината на тетовското село Фалише, каде што се запалија продажниот салон и магацинот на компанијата „Евроком“, ќе бидат загадени, затоа што во наредните денови ќе се слегнат честичките од материјалот што гореше, потврди Каја Шукова, министерка за екологија. Таа е децидна дека гореле органски материи, а нашите лаборатории ги мерат само неорганските испарувања. Сепак, според Шукова, граѓаните треба да ги почитуваат препораките од Центарот за јавно здравје, да не излегуваат и да не ги отвораат вратите и прозорците, а задолжително да не ги консумираат земјоделските производи од тој крај. Од министерката и најавата дека екипа од ЦЈЗ во Тетово е на терен за да ја испитаат водата за пиење, а резултатите ќе бидат готови за неколку денови. Таа ѝ препорача на Општина Тетово да испита дали компанијата имала соодветна противпожарна заштита и елаборат за заштита на животната средина, оти се даваат дозволи на фирми без да се запазат основните стандарди за заштита од пожар.

– Во Фалише гореа органски материи, а нашите станици ги мерат само неорганските испарувања и тука не се разликуваме од европските стандарди. Сепак, сакам да потенцираме дека локалната самоуправа треба да испита дали „Евроком“ работел според соодветните стандарди, оти тоа е нивна обврска – истакна Шукова.

Според неа, евидентно е дека ќе има загадување на почвата и на водите, откако ќе се слегнат опожарените честички. Таа претпоставува дека во околината на Фалише има земјоделско земјиште, па оттука тие производи не треба да се консумираат.

– За неколку денови ќе се слегнат честичките и затоа граѓаните треба да ги почитуваат мерките на ЦЈЗ – предупреди министерката за екологија.

Како што завчера објави „Слободен печат“ во тетовско Фалише избувна голем пожар, кој ги пеплоса и двата објекта, тој е локализиран, но не и целосно ликвидиран. На моменти избувнуваат мали пламени јазици, а густиот црн чад веќе втор ден се надвиснува над овој дел на Тетовско.

23.11.2023 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега