Штетите од поплавите во Словенија изнесуваат неколку милијарди евра
Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, изјави дека штетите од катастрофалните поплави во таа земја изнесуваат неколку милијарди евра.
Голоб посочи дека приоритет е да се воспостави основна инфраструктура, како струја и вода. Тој рече дека помошта за Словенија почна да пристигнува од странство и дека во моментов најпотребна е тешката механизација и монтажни мостови, објави „Радио-телевизија Словенија“.
„Веќе почна да пристигнува помош, не само од ЕУ“, нагласи Голоб.
Посочи дека дури и Украина испратила хеликоптер, што, како што рече, значи дека солидарноста навистина нема граници.
Премиерот ги опиша поплавите како најголемата катастрофа во поновата историја на Словенија и додаде дека Владата ќе направи се за да им помогне на настраданите.
Словенечката влада ќе одвои повеќе од 100 милиони евра само за реконструкција на инфраструктурата по поплавите, а на денешната седница ќе се расправа за пакет парична помош за луѓето кои изгубија се’ во налетот на водата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа