Шаќири: Со поддршка од ЕУ продолжуваме да ја развиваме и промовираме Националната рамка на квалификации
Северна Македонија решително чекори кон полноправно членство во Европската Унија. Оттука и исклучителната важност на твининг проектите со кои градиме институционални капацитети и го усогласуваме нашето законодавство со европското, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на состанокот на Управниот комитет на твининг проектот за поддршка на имплементација на Националната рамка за квалификации, што од октомври 2021 година го спроведува тим на професионалци од Литванија, Франција и Словенија.
Тој нагласи дека многу значи поддршката за зајакнување и операционализација на Националната рамка за квалификации, затоа што, како што рече „наша цел е квалификациите што се стекнуваат во текот на образованието во нашата држава да бидат во склад со стандардите и практиките на ЕУ“.
-Ова е вреден мултиресорски проект во кој се вклучени повеќе различни организации, тела и агенции. До сега се реализирани бројни активности и изработени повеќе документи насочени кон подобрување на квалитетот, транспарентноста и управувањето со вештините и квалификациите на сите нивоа на образование и на обуки. Проектот придонесува за усогласување на образованието и обуките со барањата на пазарот на трудот, за поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење, како и за поддршка на процесот на валидација на резултатите од учење стекнати преку неформално или искуствено учење, рече Шаќири.
Сепак, потенцирал, сите релевантни чинители поврзани со Националнатата рамка на квалификации забележуваат дека иако овој инструмент е исклучително важен, тоа не е доволно видлив.
-Затоа, многу е значајно изготвувањето на Стратегијата за комуникација што ќе помогне за подигнување на свеста за Националната рамка за квалификации, посебно кај образовните институции, студентите и работодавачите, рекол Шаќири, додавајќи дека Владата и Министерството за образование и наука ја ценат континуираната поддршка што ја добиваат од Европската Унија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа