Шаќири: Потребно ни е европското образование дома
Министерот за образование Јетон Шаќири на денешната панел дискусија „Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“, порача дека потребата од европско образование не е само барање што го наметнува членството во ЕУ, туку дека тоа е реална потреба на учениците, студентите и сите останати чинители во образовниот систем.
Министерот смета дека во свет што е високо интегриран, такво треба да биде и образованието.
-Единствен начин да го приближите квалитетот на домашното образование до посакуваните стандарди е да пристапите кон темелна реформа. Почнавме со основното образование, со консултација на бројни чинители: наставници, стручни и научни авторитети, граѓански асоцијации, родители и ученици и дојдовме до Концепцијата за основно образование. Зад неа стои и Светска банка како и други релевантни меѓународни организации. Етапно ја реализираме, преку нови наставни програми, вложување во обуки на наставниот кадар и подобрување на инфраструктурните капацитети, посочи Шаќири.
Додаде дека целта е учениците да се стекнат со применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми.
- Наставните програми поттикнуваат глобална свест, промовираат еднаквост, интеркултурализам и активно граѓанство, а практично доближување до европските вредности се реализира преку програмата Еразмус+ и проектите во рамки на транснационалната размена на искуства, во кои и основните училишта имаат можност да се вклучат, рече Шаќири.
Оцени дека средното образование, посебно стручното, е исклучително успешна европско-македонска приказна.
-Со помош на повеќе партнерски земји, посебно Швајцарија и Германија, го развиваме моделот на дуално образование. Низ насочено теоретско и практично образование во реална производствена средина, средношколците стекнуваат употребливи знаења, вештини и способности и се баран кадар од домашните, но и од интернационалните компании во зоните, иако, со подеднаква успешност, можат и да продолжат со академско образование, истакна Шаќири.
Во однос на високото образование тој рече дека од година во година расте бројот на факултети со меѓународна акредитација што реализираат квалитетни студиски програми.
-Во високото образование, наш постулат е автономијата на Универзитетот и академската слобода. Од година во година расте бројот на факултети со меѓународна акредитација што реализираат квалитетни студиски програми, на чие подобрување работи Агенцијата за квалитет во високото образование. Она на што сме насочени во сегментот на високото образование е дополнителното поттикнување на процесите кои значат подобри можности како за наставно – научниот кадар така и за студентите, преку измени во регулативата и носење на Нов закон за високо образование. Студентите, професорите и научниот кадар можат да ги користат широките можности на мобилноста преку Еразмус плус, посочи Шаќири.
Порача дека сегашните и идните млади ќе имаат поубави перспективи и дека за таа цел потребно е обединет придонес кон членството на ЕУ.
Марко Ѓоргиевски, директорот на Националната агенцијата за образовни програми и мобилност посочи дека 35 000 учесници учествувале во претходната Еразмус програма и оцени дека тоа е голема бројка.
-Но она што е многу поважжно е дека во 2022 година, над 10 илјади македонски учесници заминале некаде надвор по било кој основ, тоа значи 8 проценти повеќе од 2021 тоа значи дека до крајот на програмата итоа као ќе го зголемиме бројот на учесници, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорги Тасев, Советник за млади на Претседателот на Владата на РСМ, потенцира дека била направена политичка пракса на младинска вклученост при носење на одлуки.
На настанот беа презентирани можностите и перспективите за младите достапни преку програмите на Европската Унија за размена и соработка со европските образовни институции. Покрај тоа, присутните имаа можност да добијат повеќе информации и за потенцијалните придобивки што членството во ЕУ ќе ги донесе во насока на подобрување на квалитетот на македонското образование, зголемување на вработливоста на младите, зајакнување на дијалогот на најразлични теми и помош за издигнување на младинскиот активизам.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа