Сè уште се трага по исчезнатото лице од Степанци, 80 лица се вклучија во потрагата
Исчезнато повозрасно лице од селото Степанци во Општина Штип не е пронајдено, иако вчера во потрагата се вклучија околу 70 до 80 лица, а во некои подалечни реони околу другите соседни села имаше и други коишто пребаруваа во поединечни групи.
Лицето последен пат било видено пред една недела, во саботата на 5 април.
Беше пријавено за исчезнато на 7 април во 16.20 часот преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Во последните неколку денови на потрагата се приклучија и доброволци и членови од повеќе здруженија.
„Во текот на вчерашниот ден (12.04.2025) на зборното место кај продавницата во с. Лакавица големиот број доброволци и лица од институциите, службите и здруженијата се поделија во групи и по правци на пребарување беше поголем реон. Истовремено, со неколку дронови (3-4, и службени и приватни) систематски беа пребарувани местата каде што беа тешко достапни, подлабоки долови, а и течението и вировите на надојдената рекичка Лакавица. Беа вклучени од страна на МВР 10 полицајци, потоа 10-на извидници – членови на Извиднички одред „ЕКВИНОКС – Штип“, ловци – членови на ЛЗ „Ловец“ од Штип, доброволци – вработени од РЦУК Штип, лица од локално население од блиските села околу Степанци, роднини на исчезнатото лице. Одредени групи од подалечните села самостојно вршеа претрага во нивните реони“, информираа од ЦУК.
Инаку, ловочуварите од ловиштето „Лакавица – Патрик“, директно на нивна територија вршеа пребарување и индиректно – преку редовно прегледување на снимките од видеокамерите на терен.
Роднините на исчезнатиот, иако повозрасното лице не е пронајдено, изразија благодарност до сите коишто несебично се вклучија или индиректно помогнаа во потрагата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа