Се прават анализи за нови мерки за ублажување на цените - засилени контроли за постојните
Владата ќе направи анализи и ако утврди дека дополнително може да влијае во делот на ублажување на цените ќе донесе нови мерки во текот на неделава. Веќе се санкционираат дел од трговците што не ги почитуваат постојните мерки – за ослободување од ДДВ на основните прехранбени производи, и за утврдените маржи. Власта смета дека мерките се навремени и со нив се штитат семејните буџети од ценовните шокови, додека опозицијата останува на ставот дека економските политики на власта не резултираат и бара нови посеопфатни мерки.
-Дополнително, ако треба на наредната седница ќе донесеме и дополнителни мерки од автономните кои ги имаме на располагање.Тоа би било укинување на одредени квоти кои се предвидени за одредени земјоделски производи, а дополнително и царински давачки. За одредени производи имаме царинска стапка од 29 проценти, од 32 проценти, тие ќе ги укинеме целосно, се со цел да има што поголем број производи и можност за трговците во нашата држава да имаат поконкурентни цени. Утре, задутре ќе ги направиме последните анализи за начинот како се спроведуваат и ефектите што ги имале мерките, ако утврдиме дека дополнително може да се влијае во делот на ублажување на цените секако дека во текот на оваа недела ќе ги донесеме, најави вчера Бектеши.
Досега се направени над 1100 контроли од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи и се изречени соодветни казни, но, според Бектеши, мерките главно се почитуваат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа