Се отстранува забраната за користење на водата во Гостивар: Водата е безбедна за пиење
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри вода од гостиварскиот водоводен систем кои ги изврши Институтот за јавно здравје Скопје, во рамки на вонредниот инспекциски надзор на АХВ на 05.10.2024 година. Резултатите од испитaната вода, земени од три мерни места во Гостивар, се безбедни, односно физичко - хемиски и бактериолошки, одговараат со дефинираните критериуми за безбедност со Правилник за барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење (Сл весник на РМ бр.183/2018). И присуството на манган е во граница на дозволените вредности.
Паралелно, на 5, 8 и на 09.10.2024 година, земени беа десет мостри за анализа на водата за пиење од градски водовод Гостивар од страна на Центар за јавно здравје Гостивар. Резултатите од тестирањето на водата за пиење потврдија дека мострите одговараат физичко хемиски и бактериолошки со параметрите од Правилникот, а манганот е во граница на нормалните вредности.
Бидејќи нема отстапки во однос на безбедносните критериуми, водата е безбедна за пиење, односно, се отстранува забраната за користење на водата од гостиварскиот водоводен систем.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа