Се јавивме во НАТО за бомбите - формиран посебен штаб
Повеќе објекти во државава и вчера беа евакуаирани поради дојави за експлозивни направи, за кои, како и во претходните денови, се утврди дека се лажни по проверките од единиците на Министерството за внатрешни работи. За дојавите за бомби надлежните вчера ги известиле и НАТО структурите, во МВР веќе е формиран посебен штаб, а се очекува да се свика и Советот за координација на кој што ќе се разговара од аспект на националната безбедност.
Во текот на вчерашниот ден цел на дојави за бомби беа десет скопски и пет битолски училишта, Меѓународниот аеродром Скопје, СЦ „Борис Трајковски“, Националната арена „Тоше Проевски“, Фудбалската федерација на Македонија, Ист гејт мол, како и неколку хотели.
Од објектот на хотелот „Александар палас“ беше откажана годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера истакна дека за да се работи на случајот со дојавите за бомби формиран е посебен штаб во МВР.
– Очекувам да се свика и Советот за координација на кој што ќе разговараме од аспект на националната безбедност, бидејќи тука мора да се вклучат и Ангецијата за национална безбедност и другите институции коишто се значајни во овој дел. Бидејќи ако дојавите се најава за тероризам тогаш сите треба да се вклучиме во ова за да дојдеме до стабилизирање на состојбата, потенцираше Спасовски.
Тој рече дека дел од пораките кои што се пратени се исти со оние кои ги добиваат и земјите во регионот.
– Ние имаме добра геостратешка положба, таа ни помага многу за други работи, меѓутоа од аспект на безбедносните предизвици претставува голема индикација. Дел од пораките коишто ги праќаат деновиве се истите пораки коишто ги добиваат и државите во регионот. Комплетно истиот текст којшто е кај нас е и во неколку земји во регионот, Црна Гора, Република Српска … Секако има и еден друг сегмент во којшто има најави од други причини. Знаете дека во Скопје имаме завршен случај, откриен за еден ден, на добар пат сме сега брзо да се реализира и за Кавадарци, работиме постојано со нашите меѓународни партнери, со сите меѓународни организиации коишто можат да помогнат во овој дел се со цел да можеме да дојдем до откривањето, нагласи Спасовски.
Порача дека е важна присебноста и брзата реакција и оти тоа го прави македонската полиција во секој момент.
– Целта е таа, да се поттикне страв, несигурност, паника, да се трошат институциите, да се уриваат политичките власти во државата, меѓутоа ние на тоа успешно се спротивставуваме и ќе се спротивставуваме затоа што нашиот пат и нашата идина ја бираат нашите граѓани. Не може никој од надвор да ни наметнува дали ние ќе бидеме дел од НАТО и дали ќе одиме по европскиот пат. Секако дека ова е предизвик, да се надеваме дека ќе дојде до решение на целиот процес, рече министерот.
Според премиерот Димитар Ковачевски, интензитетот и опсегот на упатените дојави, како и примерокот кој се применува за дојавите за бомби во државава, но и во други земји, дава основана претпоставка дека станува збор за хибридни напади.
– Кога се организирани со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции, објекти и градови со голем број на жители, каде што се повторува моделот (примерок) на пораки кои се исти во повеќе држави, а се исти во многу држави, тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна, бидејќи ако е изолиран случај на адолесценти на хакери тогаш нема во толку многу држави на толку исти институции во толку исти денови, со толку ист интензитет да се случуваат ако се изолирани случаи, рече вчера на новинарско прашање Ковачевски, посочувајќи дека надлежните сектори во МВР работат во координација со партнерските служби во НАТО.
Тој ги поврза дојавите како облик на хибридна војна со воениот конфликт во Украина означувајќи го како најголемиот воениот конфликт на континентов по Втората светска војна поради нападот на Русија врз Украина, и тоа на помалку од 1000 километри од нашата држава.
– Со оглед на средставта за комуникација кои се достапни денес во 2022 година, споредено со она што било достапно во 1941 годфина кога не биле можни хибридни војни и сајбер напади, за очекување е дека ова е дел на она што се случува на европскиот континент. Доколку ја гледате содржината на бомбите многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вбечлои дека не треба државите сами да го определуваат својот демократски пат како што тоа и е ускратено на Украина, дека немаат право помалите држави сами да одлучуваат за својата иднина и друга страна на која ние и припаѓаме, на демокартскиот свет, страна која е членка на најголемиот одбранбен сојуз во светот и која се состои од членки на ЕУ и на оние кои што ќе бидат членки на Унијата како што е нашата држава, наведе премиерот Ковачевски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информира дека се алармирани структурите на НАТО за континуираните дојави за бомби во земјава. И Османи е на ставот дека се работи за хибридни закани што се случуваат и во регионот.
– Ова се случува и во регионот. Црна Гора одлучи училиштата да бидат онлајн поради секојдневните предупредувања за експлозивни направи. Истото се случува и во Хрватска. И ова ми даде сигнал дека тоа е регионален пристап како хибриден напад врз регионот, за што беше и еден начин за да ја алармираме НАТО. Вчера комунициравме со структурите на НАТО за да видиме каков хибриден пристап кон регионот може да се случи, која може да биде причината, рече Османи.
Министерот Османи информира дека за форензиката на пораките на електронска пошта со закани контактираат и со другите партнери со кои земјава има билатерални односи за, како што рече, да видиме од каде доаѓаат изворите на овие пораки
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа