Саудиска Арабија со предупредување до САД: „Нападот врз Газа ќе има катастрофални последици“
Саудиските власти ги предупредија своите американски колеги дека израелската копнена офанзива на Газа би имала катастрофални компликации за Блискиот Исток, пишува „Њујорк Тајмс“.
„Раководството на Саудиска Арабија се надеваше дека може да се избегне копнена операција поради стабилноста и загубата на животи“, изјави сенаторот Ричард Блументал за американскиот весник по средбата со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во Ријад.
Високи саудиски функционери издадоа посилни предупредувања до нивните американски колеги зад затворени врати, пишува весникот, повикувајќи се на неименувани извори.
„Вашингтон пост“ претходно објави дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден бара од Израел да ги преиспита своите планови за голема копнена офанзива на Појасот Газа.
Според американскиот весник, наместо тоа, САД предлагаат „хируршки“ прецизна операција со употреба на авиони и сили за специјални операции кои би извршиле прецизни и насочени напади врз целите на милитантната група Хамас.
Неименуваните официјални лица рекоа дека американската администрација е многу загрижена за потенцијалните последици од копнениот напад и се повеќе се сомнева дека ќе биде постигната наведената цел Израел да го елиминира Хамас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа