Салиу: Отворени патишта за системска интеграција на Ромите, Македонија лидер во регионот

 


Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, во отчет за сработеното во изминатата година оцени дека се отворени патиштата за директна системска интеграција на Ромите во сите сфери во живеењето. Најголеми постигнувања, според него, има во интегрирањето во образованието, а се работело и на пристапот до здравствени услуги и конкретни проекти насочени кон обезбедување пристапно и достојно домување. 

- Нашата држава е лидер и на Балканот и во Европа во поддршка за интегрирање на ромската заедница во образовните институции. Ромите имаат можности, отворени се патиштата за директна системска интеграција со сите сфери. Лидери се во сите области, имаме прецизни податоци, колку се запишани и колку работат, никаде во светот нема Ром министер, во тој дел нашата држава е лидер, рече Салиу денеска на прес-конференција во Владата.

Салиу соопшти дека во образованието обезбедени се средства за поддршка на ромските образовни политики преку две буџетски програми, а вкупниот буџет наменет за имплементација на мерките од Националниот акциски план за образование изнесува 42.442.000 денари, што претставува 60 проценти од вкупниот буџет наменет за Роми на ниво на државава.

Минатата година се ангажирани 20 образовни медијатори во 16 општини со претежно ромско население, со можност, како што рече, за зголемување на 50 медијатори во 30 општини.

- Кај бројот на стипендии за ученици Роми во средното образование и за учебната 2024/2025 година има зголемување од 920 на 1.200. Во постојан пораст е и запишувањето на високообразовни институции. Денес, повеќе од 50 проценти од ромските матуранти продолжуваат на високо образование. За академската 2024/2025 година, Министерството објави конкурс за 150 стипендии за студенти Роми. Особено е значаен порастот на бројот на студентки Роми, рече министерот Салиу. 

Во делот на здравството, според него, има значајни постигнувања во подобрувањето на пристапот до здравствени услуги за ромската заедница. Во текот на 2024 година, ангажирани се 19 здравствени медијатори преку договор за дело во различни општини, а годинава издвоени се 6.000.000 денари за имплементација на таа мерка и ангажирани се нови 20. 

Во рамките на проектот  на Советот на Европа, а во кој учествуваат сите земји потписнички на Познанската декларација, меѓу кои е и Република Северна Македонија, како што рече, се реализираат бројни активности насочени кон решавање на проблемите со домување и имотни прашања во ромските населби, како и образование, вработување, граѓанска документација. Овие активности имаат за цел да обезбедат сигурност во домувањето и подобри услови за живот на ромските семејства, како и зајакнување на правниот статус на оваа заедница. Кабинетот обезбедува поддршка во овие активности преку ангажирање правни советници за конкретни општини и решавање на законските проблеми. Активностите вклучуваат легализација на домови на социјално ранливи домаќинства, што е од особено значење за овие заедници.                             

Ги посочи капиталните проекти што ги реализира Министерството за транспорт за домување на социјално ранливи групи и подобрување на комунална инфраструктура, во општини со претежно ромско население и посочи дека до почетокот на 2025 година, завршена е изградбата на 28 објекти со 1.527 станови. Распределбата на становите, укажа, се врши врз основа на јавно објавени огласи и утврдена методологија за бодирање, според која, освен како посебна категорија, припадниците на ромската заедница можат да аплицираат и во други категории согласно критериумите што ги исполнуваат.

Се спроведува, соопшти Салиу, и студија за условите за домување и пристапот до основна инфраструктура (вода, струја, канализација) во: Битола, Гази Баба, Гостивар, Карпош, Кочани, Прилеп, Шуто Оризари, Струмица, Тетово и Велес. Целта е да се креираат насочени политики и да се прибираат средства за подобрување на животните услови.

Министерот Салиу сподели информација дека до 2025 година успешно се решени 21 случај на легализација на имот, од кои во Велес 13, во Кочани пет, во Виница три. 

- Подобрена е безбедноста на домување и пристапот до јавни услуги за засегнатите семејства, оцени Салиу.

Во текот на 2024 година, активни биле пет ромски информативни центри  сместени во центрите за социјална работа во Неготино, Гостивар, Кичево, Тетово и Шуто Оризари. Преку тие центри се обезбедени вкупно 1.504 услуги, претежно за социјална заштита (1 325 лица), а другите услуги се однесуваат на образование (154 лица), здравствена заштита (8 лица), издавање лична документација (7 лица), вработување (6 лица)  и домување (4 лица).

Салиу посочи дека се преземаат активности за справување со антициганизмот кој оцени дека претставува сериозна пречка за социјалната инклузија на ромската заедница и е идентификуван како стратешка точка во националната Стратегија за инклузија на Ромите. За таа цел остварена е средба со претставници на Државната комисија за спречување на дискриминација, за потребата од координирана и системска акција во борбата против антициганизмот. На средбата се разгледале можностите за зајакнување на институционалната поддршка, унапредување на механизмите за заштита од дискриминација и јакнење на свеста за правата и достоинството на Ромите во општеството.

Од активностите за помош на населби и локации каде што живеат најранливите категории информираше дека е остварена посета на населбата Тунел-Бараки во Велес каде живеат 18 семејства со 105 лица кои како последица на природна катастрофа ги изгубиле своите домови, иако за нив поседувале целосна документација. Формирана е Работна група за преземање конкретни активности во врска со препораките дадени од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, 

- Со започнување со работа на Работната група, започнато е и сѐ уште е во тек реновирање на веќе постоечките објекти, до изнаоѓање на трајно решение, соопшти Салиу.

Информираше дека Кабинетот во партнерство со ЕВН е во процес на организирање национална кампања за паметно користење на енергијата, насочена кон целата територија на државата, со посебен фокус на ромската заедница. Кампањата ќе вклучува информативни средби, едукативни материјали и локални активности со цел подигање на свеста за енергетска ефикасност и одговорно користење на ресурсите.

Салиу потсети дека во ноември лани се одржа донаторска конференција за обезбедување помош и поддршка за Ромите на која беа презентирани стратешки проекти за изградба на 1001 дом за лица без домови, културен центар за Ромите, вработување на Ромите преку преквалификација на обуки, дигитална инклузија на Ромите. 

15.07.2025 - 11:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега