Рама: На Македонија и се нанесе голема штета

 


Билатерализацијата на патот на една земја кон Европската Унија е болна работа, бидејќи ако се билатерализира овој процес само и се нанесуваат штети на таа држава, порача денеска во Луксембург албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција по одржувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што Тирана практично ги започна пристапните преговори по кластери.    

- Со билатерализацијата само им се нанесува штета на она што го викаме збир на стандарди и вредности, порача Рама на заедничката прес-конференција со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. 

Според Рама, со блокирање на европскиот пат на една земја само и се прекинува дотокот на кислород и се попречуваат нејзините можности да се стекне со знаења како да ги развива своите институции, да воспостави систем на вредности, владеење на правото и функционална демократија. 

- Со спречувањето на Македонија, а потоа и Северна Македонија, да направи ова и се нанесе голема штета на државата, голема штета на луѓето и со тоа и голема штета на регионот, истакна албанскиот премиер. 

Тој нагласи дека на секоја земја кандидат за членство може да се блокира во секое време, но треба да и се дозволи да учи како да ги изгради своите инсинуации, да ги спроведе сите потребни реформи и да воспостави индивидуални слободи, владеење на правото и демократија.

- А потоа кога ќе стане членка, може да и кажете не ми се допаѓа твоето име, но барем сте и дале можност да функционираат како земја членка на ЕУ. Тогаш кажете дека не ви се допаѓа името..., а не кога на земјата и треба поддршка. Затоа тогаш имаме земја кој пред 20 години беше неспорно ориентирана кон западната евроатлантска заедница, а погледнете кој денес е најпопуларен политичар во Македонија, во Северна Македонија или како и да е, истакна Рама, додавајќи дека сака сега да има телефонски повик од неговите грчки пријатели и да му кажат дека рекол Македонија. 

Тој нагласи дека се чувствува навистина тажно што, како што рече, братската Македонија, се уште не може да влезе во фазата од преговорите во кои сега е Албанија, иако беше меѓу првите, ако не е прва, што го започна овој процес меѓу државите во регионот. 

- Па кога зборувам за нашите понижувања затоа што три пати по ред бевме одбивани за почеток на пристапните преговори, тогаш се чувствувам некако засрамено затоа што морам да помислам на понижувањата на Северна Македонија. Тие го сменија името и за да можат да започнат преговори, нагласи Рама, додавајќи дека историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори за која било земја. 

Тој потенцира дека иако како и многумина го сака Александар Македонски, сепак не му е важно која во минатото била чија мајка, кој со го водел љубов и каков бил идентитетот на некого во тоа време. 

- Навистина тоа се многу интересни теми за историчарите, но не мислам дека тоа треба да биде дел од поврзувањето со Европската унија... Треба да гледаме на минатото со очите на иднината. Гледајќи во иднината со очите на минатото само ќе донесе компликации, заклучи Рама. 

Во врска со можното повторно здружување на Албанија со Северна Македонија Тој нагласи дека Албанија во минатото насилно многу пати била здружувана со други – со Османлиите, со Италијанците, со Југословените, со Советскиот Сојуз и со маоистички Кина, и од сите овие здружувања сфатила дека не сака да бидеме здружена со сила од никого, туку сака да биде здружена со Европската Унија.  

- Но, наеднаш се најдовме здружени со Македонија. Ајде да кажеме дека тоа не беше толку лошо, затоа што можеме да ги споделиме нашата тешки ситуации едни со други. Бевме како Владимир и Естрагон кои го чекаат Годо, а Брисел и во тоа време изгледаше како Семјуел Бекет, рече Рама, додавајќи дека таквата ситуација за двете земји изгледала како приказна без крај. 

Во врска со повторното здружување на Скопје и Тирана на европскиот пат, еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји истакна дека двете земји можеби политички биле во пакет, но во пракса никогаш не биле поврзани во напорите за приближување кон ЕУ бидејќи, тоа е процес заснован на индивидуални заслуги. 

- Здружувањето на земјите кандидати една со друга, би значело дека правиме компромиси или дозволуваме да се прават компромиси врз основа на принципот на заслуги, кој е еден од темелите на Копенхагенските критериуми, истакна Вархеји. 

Сијарто, пак, рече дека верува оти Северна Македонија заслужила да ги започне суштинските преговори, но дека сите знаат со какви пречки се соочува.

- Она што можам да ви ветам како унгарско претседателство е дека ќе продолжиме да ги поддржуваме двете земји за да можат да минат низ процесот на пристапување што е можно побрзо, додаде Сијарто.

15.10.2024 - 13:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега