Радоста е многу голема: Со торта пензионерите го слават зголемувањето на пензиите
Пензионерите од Прилеп и неколку други градови од Македонија кои протестираа подолг период за линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, денеска првиот дел од покачувањето од 2.500 денари го одбележаа со средба во просториите на Здружението на пензионери во Прилеп.
„Радоста е голема бидејќи за нас значи многу 5000 денари, што никогаш не би го заменила со 5,3% или 2,9% во 6 месеци од годината. Она што го зацртавме, го остваривме“, рече Верче Јанческа, пензионер од Прилеп.
Се надеваат дека ќе бидат во целост прифатени и предлог измените на законот за пензионери со што ќе се решат сите нивни проблеми.
„Ја поздравувам изработката на новиот Закон за пензионери кој ќе ги опфати сите категории на пензионери, кој ќе ги реши сите суштествени проблеми и прашања на пензионерите и мислам дека со тој нов закон конечно еднаш засекогаш во Република Македонија пензионерите ќе имаат достоен живот“, истакна Делче Максимоски, претставник на пензионерите од Охрид.
Побараа и целосна смена на раководството на Здружението на пензионери и во Скопје и по градовите затоа што не ги подржувале во нивните барања.
Да се разреши госпоѓата Савка која тоа не го прифаќаше и финансова полиција да влезе во сите подрачни единици и да се постават новите раководства“, рече Васил Пиндеров, претставник на пензионерите од Валандово.
Следните 2.500 денари од линеарното покачување пензионерите ќе ги добијат со мартовската пензија во 2025 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа