Пустош во Тетово, Скопје и Куманово по вчерашното невреме

 

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 2 388 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие. 

Од нив „реални“ повици биле 60,55%, а 39,45% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 47,84%, кон Итната медицинска помош 18,40%, кон пожарникарите 4,55%, а кон АМСМ 0,22% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 1 472 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (29,00%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (39,45%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).

Девет пожари вкупно имало на отворено и неколку помали интервенции во последното деноноќие и сите се изгасени, што биле во општините: Бутел, кај с. Љубетен (запалена ниска вегетација); Сарај, покрај автопатот Скопје – Тетово (ниска вегетација); - Радовиш, кај с.Конче (депонија , стрништа и грмушки); Струмица кај с.Доброшинци (ниска вегетација);  Кавадарци кај месноста „Танкото Патче“ (ниска вегетација); Свети Николе до градот (депонија и мал дел ниска вегетација); Пробиштип, кај с. Ратавица (земјоделска површина под житна култура, нискостеблести растенија и ниска вегетација) и во Општина Пробиштип кај с. Дреново (запалени нискостеблести растенија, ниска вегетација и лозје изгорена површина 3 Ха).

Вчера невреме прво го погоди Тетовско, па потоа Скопско и Кумановско, а и нивната околина. Тоа,  беше предизвикано од интензивна нестабилна воздушна маса, проследена со обилен и  интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Имаше правец на движење од западниот кон источниот дел од градот Скопје. Околу Скопската котлина и околу Куманово имаше неколку развиени јадра на невремето, различни по интензитетот, силината, информираа од УХМР во ЦУК.

На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК заради налетите на невремето, беа добиени  повеќе пријави, а и се уште се добиваат од Тетовско, Скопско и Кумановско за поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, оштетени куќи, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, оштетени автомобили и слично. Сите информации беа соодветно селектирани и трансферирани до надлежните во локалните самоуправи  и до надлежни служби и институции.

Конкретно, Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека во текот на ноќта после невремето што го зафати Скопскиот регион, на 112 во ЦУК, беа доставени следните известувања и пријави за: паднати и навалени дрва,  како и скршени гранки – 6; скинати проводници, навалени бандери и дуги проблеми со електрични и телефонски кабли -  4; поплавени куќи – 8; поплавени подрумски простории и гаражи – 12; поплавени улици – 5; проблеми во снабдувањето со електрична енергија – 3; оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради -  4 и за оштетени патнички моторни возила – 4.

Регионалниот ЦУК Куманово, известува дека од невремето што го зафати територијата на Општина Куманово со обилни врнежи од дожд на 112 во ЦУК пристигнаа голем број на пријави за паднати дрва и поплавени улици во повеќе населби, а и за поплавени површини, дворови, подрумски простории  и приземни објекти и куќи.

Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека по обилните врнежи од засилен дожд , во форма на невреме од кризниот штаб на Општина Тетово добиени се податоци за блокиран локален пат за селото Вејце на Шар  Планина, како и патот кај тетовската касарна што е преполн со вода и каде што имало едно заглавено возило, имало запушени канализации во горниот дел од градот и во Голема Речица. а голема количина на вода има навлезено во приватни куќи во дворови и подруми. Општинскиот кризен штаб беше активен и од ЈКП Канализација од Тетово и другите надлежни општински служби и институции испраќаа свои тимови и поединци на интервенција. 

Според УХМР, до утре, петок,  ќе се задржи променливо облачно, нестабилно и малку посвежо време со пороен дожд и грмежи. Утре на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд (над 30 л/м2) за кратко време, грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник кон крајот на денот повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.

Затоа за граѓаните се препорачува на внимателност пред и за време на најавените локални метеоролошки нестабилности.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

27.06.2024 - 09:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега