Пуштена за сообраќај првата делница од новиот булевар Струмица-Дабиле
Денеска е пуштена за сообраќај првата делница од новиот булевар Струмица – село Дабиле. Овој проект е во партнерство финансиран од ЈПДП и Општина Струмица, односно со финансии од македонскиот народ, објави не неговиот профил на фејсбук, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Додава дека со ова сака да направи дистинкција од некои претходни расправии кој го почнал, кој го направил, како го направил и тоа не само овој пат.
-Важноста на овој проект е огромна. Покрај растеретувањето на сообраќајот, што е клучно за една од најоптоварените делници во државата, поврзувањето на добар дел од струмичките села е особено важно. Колку е огромна вредноста за Дабиле? Со реализацијата, практично Дабиле не може да има третман на село, туку струмичка населба која има булеварско поврзување до центарот на градот, на нецел километар две индустриски локални зони и директно поврзување со Република Бугарија, напиша Костадинов.
Инаку, изградбата на булеварот од излезот на Струмица до селото Дабиле кој води кон граничниот премин Ново Село на македонско-бугарската граница е во должина од два километри и почна да се гради во септември 2023 година. Вкупната ивестиција за изградбата на булеварот, како што беше објавено на почетокот, чини околу 5 милиони евра од кои два обезбеди Општината, а три милиони евра се од ЈП за државни патишта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа