Прво обраќање на мајката на Боки 13: Син ми останува со траен инвалидитет – ќе има одговорност
Јасминка Јовановска, мајка на Бојан Јовановски-Боки 13 преку писмо до јавноста алармира дека животот на нејзиниот син е донесен во ризик. Јовановска, во писмото потпишано од неа и нејзиниот сопруг Миле Јовановски, посочува дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е мета на изживување, малтретирање и тортура. Најавува дека за ваквите последици по неговото здравје, одговорност ќе бара од инволвирни лица.
“Изразуваме сериозна загриженост како родители за актуелната здравствена состојба во која се наоѓа Бојан, а како граѓани на оваа држава во најблага форма кажано се чувствуваме згрозени и огорчени од организираната тортура и линч кои му се случуваат на Бојан целиот овој период, на него лично, а и на целото наше семејство како рефлексија од омразата, нечовечноста и антагонизмот кон Бојан. Животот на мојот син Бојан е донесен до крајна црвена линија и согласно последните медицински наоди и извештаи, операцијата која ќе се изврши е неизбежна и е со висок ризик по неговиот живот, се работи за операција со неизвесен исход после која операција повторувам дека Бојан ќе има траен инвалидитет“, пишува Јовановска.
Таа додава: „Поради сето ова, сите инволвирани лица кои системски, свесно со сторување и несторување здружено и со намера му го сторија ова неправо на Бојан ќе мораат да понесат кривична одговорност и да бидат најстрого санкционирани. За ова изживување, малтретирање и тортура кон Бојан одговорност мора да има! Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон било чие дете, затоа упатувам апел до јавноста, за човечноност и разумност во овие чувствителни моменти од причини што Бојан е мета на најголемиот јавен говор на омраза сите овие години, а никој не понел одговорност за таквиот отворен и директен говор на омраза, каде со најпогрдни зборови, навреди и пцовки се опишувало името на Бојан, а за воља на вистината ниту еднаш досега ниедна организација за борба на човековите права не изнела јасен став, не ги осудиле ваквите појави и не застанале во одбрана на правата на Бојан, ниту барем декларативно, а Бојан е флагрантен пример за повреда на човековите права!“.
Семејството Јовановски најавуваат и кривична одговорност.
„Поради сето погоренаведено, поради организирано и здружено делување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас, како подносители, родителите на Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски пред надлежното јавно обвинителство. Пред надлежен јавен обвинител ќе бидат образложени сите наводи и кривичните пријави ќе бидат поткрепени со цврсти докази. Одговорност за целото нанесено зло и за сите инволвирани лица кои се директно одговорни за оваа ситуација, ќе има, без исклучок! Нашата борба ќе биде до крај, се до конечна правда, за која правда сум се борела и работела цел работен век во областа на правото, без ниедна морална и професионална дамка со целиот мој изграден морален и професионален интегритет“, стои во соопштението.
Јовановска посочува дека секогаш била воздржана, никогаш не се обраќала во јавност – но актуелната состојба на Боки 13 тоа веќе не и го дозовлува.
„За целиот овој период од почетокот на кривично-правните процеси против Бојан па се до денес се немам огласено ниту еднаш во јавност, не од причина дека немам што да кажам, напротив и како негова мајка и како професионалец во областа на правото, како истакнат правник со повеќе од 30 годишно работно искуство имам многу да зборувам за здруженото неправо кон Бојан, за максимата на човечкото лицемерие, за сите атакувања, етикитирање и ниски удари кои што сме ги добиле во целиот овој период. Сум била воздржана, но повеќе самата актуелна состојба со животот и здравјето на Бојан тоа не ми го дозволуваат, бидејќи врз него ќе биде извршена операција тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник, со што ќе настапи траен инвалидитет на мојот син Бојан. Од тие причини со целиот мој морален и професионален дигнитет и се обраќам на јавноста преку ова јавно соопштение и немам за цел да предизвикам чувство на сожалување, туку единствено да порачам дека од овој момент преку сите законски инструменти предвидени со домашното и меѓународното законодавство ќе се борам заедно со мојот сопруг преку нашите правни полномошници против злото и неправдата која му е сторена на Бојан и на тој начин директно му е загрозен неговиот живот“, додава Јовановска.
Досега, во низа наврати се алармираше за влошената здравствена состојба на Јовановски-Боки 13. За тоа во јавноста беа доставувани и медицински документи од неговиот правен тим, од различни болници, а потпишани од десетици доктори. Во нив стоеше дека лекувањето на Боки 13 не може да продолжи во затвор поради тоа што таму нема услови. Но, Кривичен суд и Управата за санкции не сметаа така и го оставија во затвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа